Лекарска комора одбележа 34 години од основањето и свечено го отвори историското катче на медицината

Лекарската комора на Република Северна Македонија денеска, го одбележа својот значаен јубилеј – 34 години од формирањето на Комората. Во рамките на свеченоста, официјално беше отворено и историско катче на медицината, лоцирано во просториите на Комората.

Овој простор е замислен како траен чувар на меморијата за развојот на македонското здравство каде што преку документи, фотографии и предмети се сведочи за патот, предизвиците и успесите на медицинската професија во нашата земја.

Пред присутните и медиумите, раководството на Комората се осврна на изминатите три децении, потенцирајќи ја клучната улога на институцијата во заштитата на професионалноста, дигнитетот и правата на лекарите, како и во постојаното унапредување на здравствениот систем.

„Овој јубилеј не е само потсетник на денот кога ги поставивме темелите на Комората, туку и на одговорноста што ја носиме кон сите генерации лекари пред нас и оние што доаѓаат. Историското катче на медицината е израз на нашата почит кон сите колеги кои го вложиле својот живот во македонското здравство и оставиле траен белег на нашата професија”, истакна проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседателка на Комората.

На настанот беше истакнато дека Комората и во иднина ќе продолжи активно да работи на подобрување на статусот на докторите по медицина, континуираната медицинска едукација и градењето на одржлив здравствен систем.

По завршувањето на официјалниот дел, присутните имаа можност да го разгледаат новоотвореното катче и да се запознаат со изложените историски материјали. Изложените предмети се донација од семејството на д-р Ѓорѓи Дудев (1905 – 1957) кој бил меѓу првите дипломирани лекари од прилепскиот регион. Д-р Дудев медицински факултет завршил во Белград, а како доктор работел во Прилеп, Скопје и во другите градови низ државата и активно учествувал во воспоставување на здравствениот систем во нашата земја по Втората светска војна. Во знак на благодарност, Комората на внуците на д-р Дудев врачи благодарница за афирмација на историјата на медицината.

Лекарската комора е формирана на 5 јуни 1992 година, на иницијатива на неколку доктори од Македонско лекарско друштво. Првата конститутивна седница на Собранието на Комора е одржана во просториите на поранешна Воена болница. Десет години подоцна Комората добива јавни овластувања за издавање на лиценци за работа, организирање на полагање стручен испит и акредитација на настаните од континуираната медицинска едукација со што се воспоставува многу значаен систем за регулирање на медицинската професија кој директно нè приближува до европските стандарди.

Најчитано