Марш за ангелите: Кочани повторно побара одговорност

Кочани и оваа сабота повторно чекореше за загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“. На 45. „Марш за ангелите“, родителите, роднините и граѓаните побараа институционална одговорност и одговор на прашањето дали секој што имал службена должност постапил совесно, професионално и во рамките на своите овластувања.

Маршот започна во 18:05 часот од Паркот на револуцијата, а поворката се движеше кон Трговскиот центар, УЈП, Полициската станица, Основниот суд и заврши кај спортската сала „Кочански ангели“. Организаторите порачаа дека чекорат во спомен на 63-те загинати, за повредените и за семејствата кои продолжуваат да живеат со последиците од трагедијата.

Пораката од маршот беше насочена кон институциите и кон судскиот процес што треба да ја утврди одговорноста за пожарот. Родителите нагласија дека не бараат пресуда однапред, туку одговори, сериозност и достоинство во постапката. Според нив, прашањето не е само што се случувало откако пожарот веќе започнал, туку дали претходно било направено сè што било законска и службена обврска за трагедијата да се спречи.

Розета Џамова, сестра на починато момче, пред Полициската станица во Кочани порача дека со секоја должност доаѓаат обврски, а со секое овластување одговорност. Таа рече дека семејствата во судницата слушале расправи за минути, повици, усни наредби и непотпишани документи, но дека суштинското прашање останува дали системот постапил навреме и професионално.

Александар Наунов, претседател на Здружението „16 март 2025 Кочани“, изјави дека никој не бара улицата да суди и никој не бара пресуда без докази. Според него, ако обемноста на доказите е проблем, тогаш прашањето е како со години системот минувал преку толку неправилности и пропусти.

Маршот се одржа по рочиште на кое дел од полициските службеници обвинети во предметот за „Пулс“ тврделе дека се обвинети затоа што спасувале деца. Обвинителството претходно соопшти дека против 13 полициски службеници е поднесено обвинение поврзано со контролите и постапувањето во кабарето „Пулс“ во периодот од 14 до 16 март 2025 година. Според обвинението, при контролата не биле преземени соодветни мерки за заштита на присутните лица, ниту било спречено користење непријавена пиротехничка опрема.

Пожарот во „Пулс“ се случи на 16 март 2025 година. Во трагедијата животот го загубија 63 лица, а околу 200 беа повредени. Главната судска постапка за пожарот почна на 19 ноември 2025 година во судницата во КПУ „Идризово“, по одобрениот обвинителен акт.

Најчитано