Лиценца со едно скенирање: што носи новиот систем на смарт лиценци

Министерството за дигитална трансформација го претстави системот на СМАРТ лиценци, со кој треба целосно да се дигитализира издавањето, контролата и јавната проверка на лиценците што ги издаваат државните институции. Новиот модел предвидува секоја лиценца да биде поврзана со електронски регистар и QR код, преку кој во реално време ќе може да се провери нејзиниот статус.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, изјави дека целта е лиценците да престанат да бидат документи што се носат, фотокопираат и тешко се проверуваат, туку да станат официјални електронски записи со проверлива трага. Според него, со едно скенирање ќе може да се види дали лиценцата е важечка, суспендирана, укината, истечена или сè уште е во постапка.

„Наместо документ што се носи, фотокопира, препраќа и тешко се проверува, воведуваме модел во кој постои еден официјален електронски запис, поврзан со QR код и со електронски регистар кој ја покажува точната моментална состојба“, посочи Андоновски.

Системот треба да овозможи електронско поднесување барања, електронски регистар на издадени лиценци, QR проверка и следливост на секој предмет од моментот на поднесување до конечниот одговор. По поднесувањето, предметот добива единствен идентификатор и архивски број, а субјектот ќе може да го следи преку своето електронско сандаче на порталот. Одговорот ќе се добива како електронски документ – решение за одобрување, одбивање или некомплетно барање.

Првиот пилот е имплементиран во Министерството за дигитална трансформација за даватели на квалификувани доверливи услуги. Тоа се услуги поврзани со квалификувани сертификати за електронски потпис, електронски печат, автентичност на веб-страници, електронски временски жигови, електронска препорачана достава, валидација и електронско складирање документи.

Во напредна фаза на развој и тестирање се и лиценците на Министерството за економија и труд, кои се однесуваат на ноќен клуб, дискотека, кабаре, бар и хотел. Според најавите, тестирањето треба да заврши до крајот на јуни.

Практичната вредност на системот е во тоа што граѓанин, инспектор, компанија или институција нема да проверува стара копија, испратен PDF или хартиена потврда, туку актуелна состојба во регистар. Ако лиценцата е важечка, тоа јавно ќе се гледа. Ако е укината, истечена или суспендирана, и тоа треба да биде видливо преку проверката.

„Секаде каде што постои лиценца, дозвола или одобрение што јавноста треба да може да го провери, може да постои и СМАРТ лиценца“, рече Андоновски.

Системот, според најавите, може да се прошири и во други области: транспорт, логистика, осигурување, хотелиерство, правосудство, животна средина, урбанизам и дозволи за градење. Тоа значи дека проектот не е само техничка новина, туку обид да се намали просторот за манипулации, субјективност и непотребно административно посредување.

Клучниот тест, сепак, ќе биде имплементацијата. Смарт лиценците можат да значат помалку хартија, побрза проверка и подобра инспекциска контрола само ако регистрите се редовно ажурирани, институциите навистина ги користат и податоците се точни, безбедни и достапни. Во спротивно, дигитализацијата ризикува да остане уште еден електронски слој врз старата бирократија.

Најчитано