Природно богатство или див бизнис: што се случува во Куклица

Граѓани повторно реагираат дека на локалитетот „Камени кукли“ во Куклица, Кратовско, се наплаќа влез без јасен правен основ и без институционална контрола. Според сведоштвата објавени на социјалните мрежи и пренесени од Плусинфо, посетители тврдат дека биле спречувани да влезат во локалитетот или им биле барани пари за пристап до еден од најпознатите природни феномени во Македонија.

Во објавите што ја отворија реакцијата, граѓани тврдат дека на туристи од Косово им биле наплатени по 10 евра за влез, додека при претходни посети на други посетители им биле барани и по 20 евра. Во еден од коментарите се наведува дека на семејство му биле побарани 240 денари за влез, со тврдење дека просторот е приватен имот.

„Куклите кај Кратово се природно богатство кое им припаѓа на сите нас. Јавен простор, создаден од природата, даден за сите. Денес повторно бев спречен да влезам“, напиша Марио Станојковски, кој јавно побара институциите да ги проверат наводите за наплата и ограничување на пристапот до локалитетот.

Според сведоштвата, проблемот не е нов. Плусинфо потсетува дека Општина Кратово лани поднела кривична пријава против лица за кои тврдела дека подолг период вршеле узурпација, присвојување и неосновано користење на дрвена куќичка, односно брвнара, во локалитетот „Камени кукли“ во селото Куклица. Во тогашното соопштение, општината навела дека просторот бил користен за стопанисување без основ и без согласност од надлежна институција.

„Подолг временски период во континуитет Здружението Извор Кратово на чело со Милош Димитровски и лицето Стојна Д. вршат кривични дела на узурпација, присвојување и неосновано користење на Дрвена куќичка (Брвнара) во локалитетот Камени кукли во селото Куклица“, објавила Општина Кратово, според текстот на Плусинфо.

Клучното прашање сега е зошто, и по таква пријава, граѓаните повторно пријавуваат ист или сличен проблем. Ако локалитетот е јавен и заштитен простор, тогаш секоја наплата мора да има јасна одлука, управувач, ценовник, фискална сметка, контрола и обврска средствата да се користат за одржување и заштита. Ако тоа не постои, тогаш не станува збор за туристичка услуга, туку за приватизирање на јавен природен ресурс.

Куклица не е обичен излетнички простор. Локалитетот е заштитено подрачје од трета категорија – споменик на природата, прогласено во 2008 година согласно Законот за заштита на природата. Станува збор за геоморфолошки феномен со образовно, туристичко и културно значење, а управувач на локалитетот е Општина Кратово.

Камените кукли се природни земјани пирамиди и карпести формации создадени со долготрајни процеси на ерозија. Во локалитетот има повеќе од 120 природно оформени камени столбови, распоредени во селото Куклица, на околу осум километри северозападно од Кратово.

Најчитано