Нема пари од буџетот, автопатите на „Бехтел и Енка“ одат на кредит

Автопатите на „Бехтел и Енка“ повеќе нема да се плаќаат директно од буџетот како досега, туку преку нов синдициран кредит од 140 милиони евра кај четири домашни банки, со државна гаранција и рок на отплата од 12 години.

Владата на седница одржана на 2 јуни одобрила барање за кредитно задолжување за финансирање на делниците од Коридор 8 и Коридор 10Д. Станува збор за автопатите Тетово – Гостивар – Букојчани, Требеништа – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола.

Во изминатите години, обврските кон американско-турскиот конзорциум редовно се исплаќаа од државниот буџет, со годишни износи од околу 100 милиони евра, според динамиката на работите, договорот и специјалниот закон. Сега финансирањето се префрла кон банкарски кредит, зад кој застанува државата.

Кредитот ќе биде обезбеден од Стопанска банка, Комерцијална банка, Халк банка и НЛБ банка. Вкупниот износ е 8,61 милијарди денари, односно околу 140 милиони евра. Средствата ќе може да се користат во наредните 30 месеци, со грејс-период од три години.

Отплатата ќе трае 12 години од денот на склучување на договорот. Договорната камата е врзана за референтна стапка зголемена за каматна маржа од 1,24 процентни поени, но не може да биде пониска од 3,95 проценти годишно. Предвидена е и провизија од 0,1 процент годишно за одобрен, а неискористен дел од кредитот.

Во „Службен весник“ е објавено дека министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска е овластена да ја потпише државната гаранција. Тоа значи дека ако Јавното претпријатие за државни патишта не ги сервисира обврските, државата гарантира навремено и целосно исполнување на кредитот, каматата и провизиите.

На истата владина седница била донесена и одлука за нов кредит за автопатот Кичево – Охрид, кој се гради веќе 12 години. За тој проект, кој досега се финансираше преку кинеската Ексим-банка, ќе се подигне кредит од 176,5 милиони евра од истите четири банки, под слични услови.

За автопатот Кичево – Охрид претходно беше најавено дека кинеското финансирање престанува и дека довршувањето ќе продолжи со пари од домашни комерцијални банки. Но за автопатите на „Бехтел и Енка“ таква најава претходно не беше јавно потенцирана.

Со ова, големите патни проекти влегуваат во нова финансиска фаза. Наместо директни буџетски исплати, државата се потпира на банкарски кредити, долги рокови на отплата и гаранции што повторно, на крајот, стојат врз јавните финансии.

Најчитано