Времето денеска ќе биде сончево и топло, но попладне во делови од земјава се очекува развој на нестабилна облачност, со услови за пороен дожд, грмежи, засилен ветер и локална појава на град.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, утринските температури ќе се движат од 9 до 18 степени, додека дневните ќе достигнат од 25 до 33 степени. Времето ќе биде претежно сончево, со мала до умерена облачност, но во попладневните часови на повеќе места ќе има услови за краткотрајна нестабилност.
На одделни места, како што најавува УХМР, нестабилноста може да биде поизразена и да биде проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а не се исклучува ниту изолирана појава на невреме со град. Ќе дува слаб до умерен ветер, кој долж Повардарието повремено ќе засилува и ќе биде од северозападен правец.
Во Скопје се очекува сончево и топло време со мала до умерена облачност. Попладне, во делови од котлината, ќе има услови за краткотраен пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура во главниот град ќе се спушти до 15 степени, а максималната ќе достигне до 33 степени.
Граѓаните кои планираат активности на отворено во попладневните часови треба да ја следат временската состојба, особено во подрачјата каде што може брзо да се развие нестабилна облачност.
