Собранието денеска ја констатираше оставката на вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, со што и формално му престана функцијата во Владата.
Оставката беше констатирана во рамки на 104. собраниска седница. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, информираше дека Фетаи нема да ја образложи оставката пред пратениците и констатираше дека, согласно членот 246 од Деловникот, на министерот му престанува функцијата.
Фетаи ја поднесе оставката на 1 јуни, а за тоа јавноста ја информираше преку објава на својот фејсбук-профил. Во објавата наведе дека од функцијата заминува „со крената глава и чиста совест“.
Во оставката до премиерот, која ја објави заедно со фејсбук-статусот, Фетаи изрази благодарност за укажаната доверба да ја извршува функцијата вицепремиер за добро владеење. Тој наведе дека во сегашните околности повеќе не постојат неопходните услови за функцијата да ја врши со потребната ефикасност, поради што се повлекува од должноста.
Фетаи во објавата посочи дека во изминатиот период, додека ја извршувал функцијата, придонел за реформи насочени кон зајакнување на одговорноста, транспарентноста и владеењето на правото, додавајќи дека секогаш има простор за повеќе и подобро.
Неговото повлекување следува по период во кој во јавноста се отворија прашања за неговото отсуство од владините активности. Премиерот Христијан Мицкоски во април изјави дека Фетаи лично му пренел оти во иднина не се гледа во владата што тој ја предводи и дека планира да се врати во Брисел, каде што претходно има професионално искуство.
Претходно, министерот за здравство Азир Алиу во интервју за „360 степени“ изјави дека Фетаи во последниот период не присуствувал на владините седници.
Со констатирањето на оставката, завршува мандатот на Фетаи како вицепремиер задолжен за добро владеење, а Владата треба да одлучи како ќе се пополни оваа позиција во наредниот период. Во меѓувреме премиерот Мицкоски најави Фетаи дека ќе оди во нашата мисија во Брисел.
