Николоски од трасата кон Бугарија: Втората делница е градежен подвиг за Македонија

Изградбата на втората делница од железничката пруга кон Бугарија, на потегот Бељаковце – Крива Паланка, напредува со засилена динамика, соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при увидот на градежните работи на трасата.

Станува збор за еден од најкомплексните инфраструктурни проекти во земјава, кој е дел од источниот крак на Коридорот 8 и треба железнички да ја поврзе Северна Македонија со Бугарија, а преку неа и со Црното Море.

Николоски, кој беше на терен заедно со директорот на ЈП МЖ Инфраструктура и претставници на изведувачот „Ѓулермак“, изјави дека втората делница е градежен и инженерски подвиг поради сложениот терен и големиот број објекти што треба да се изградат.

„Се работи за исклучително предизвикувачки проект кој опфаќа изградба нови три станици, Кратово, Романовце и Гиновце, 29 мостови, 15 тунели, шест надвозници, три подвозници“, изјави Николоски.

Според него, конфигурацијата на теренот бара сложени инженерски решенија, но проектот е планиран така што возовите на оваа делница ќе можат да сообраќаат со брзина од 100 до 120 километри на час.

„Имајќи ја предвид конфигурацијата на теренот, ова ќе биде железница на која возовите ќе сообраќаат со брзина од 100 до 120 километри на час, што во вакви услови е навистина одлично решение“, рече Николоски.

Министерот посочи дека дел од мостовите што се градат имаат столбови високи и до 61 метар, што, според него, ја покажува тежината на проектот.

„Највисокиот столб кој што се гради е цели 61 метар. Само за споредба, просечна зграда од 7-8 ката е во висина од 24-25 метри“, истакна Николоски.

Во рамки на проектот треба да се вградат десетици илјади тони арматура и 125.000 кубни метри бетон. Според информациите што ги соопшти Николоски, конструктивните работи достигнале 31 процент, додека вкупната реализација на проектот е 36 проценти.

„Очекувам до октомври 2028 година тука веќе да оперираат возови“, изјави Николоски.

Тој најави дека по изградбата на втората делница ќе следи и третата делница од железничкото поврзување кон Бугарија. За неа, како што рече, веќе е објавен тендер за избор на надзорен орган, а во следните недели, во соработка со ЕБОР и ЕУ, се очекува и објавување на тендерот за изведба.

Николоски нагласи дека Коридорот 8 има големо геостратешко значење, бидејќи е важен не само за транспортното поврзување, туку и за безбедносната архитектура на регионот. Тој потсети дека овој коридор е прогласен од НАТО за втор најзначаен безбедносен коридор.

Директорот на ЈП МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, најави дека во наредниот период се очекува силна динамика на градежните работи, а претпријатието останува посветено на реализацијата на капиталните проекти.

Пругата кон Бугарија со години важи за еден од најтешките и најодложувани инфраструктурни проекти во земјава. Втората делница, со мостови, тунели и станици низ тежок планински терен, треба да биде клучен чекор кон конечно железничко поврзување на Скопје со Софија.

Најчитано