Враќањето на Јанез Јанша на чело на владата во Словенија, од страна на некои медиуми во ЕУ, се смета за враќање кон политиката на поделби и длабоки несогласувања не само во таа земја, туку и во институциите на Европската Унија, како што го толкуваат „Дојче веле“ и „Еуобзервер“.
Бриселскиот портал „Еуобзервер“ посочува дека Јанша, „како близок сојузник на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан, поранешниот полски премиер Матеуш Моравјецки и Доналд Трамп, бил добро познат по своето борбено владеење во кое слободните медиуми, независните судови и бриселските функционери се сметале за непријатели“.
Имајќи го предвид искуството со претходните потези и политики на Јанша како премиер во три наврати, „Еуобзервер“ гледа дека ова е „враќање на „принцот на темнината“, што е концептот на злото и ѓаволот во еврејската и христијанската традиција, особено отелотворен во песната на англискиот поет Џон Милтон и филмот на Џон Карпентер.
И тој предупредува дека Европскиот совет, во кој членуваат претседателите или премиерите на земјите-членки на ЕУ, „ќе има нова главоболка бидејќи тој популист ќе ја турне Словенија уште понадесно“.
Германскиот портал „Дојче Веле“ наведува дека Јанша, чија партија не победи на изборите, успеал да состави коалиција која веќе „ги продлабочува расколите, и историските – кога станува збор за нацистичките соработници убиени на крајот од Втората светска војна – и сегашната околу намалувањето на даноците, за која синдикатите велат дека ќе ги збогати богатите уште повеќе на сметка на јавните услуги“.
„Еуобзервер“ презентира дека „Јанша отсекогаш бил контрадикторна личност и феномен, со биографија која сведочи дека бил затворен двапати – во 1988 година за откривање воени тајни како новинар (што денес се етикетира како храброст) и во 2014 година за судска пресуда за корупција (подоцна поништена)“.
Порталот од Брисел го објавува верувањето на словенечкиот социјалистички член на Европскиот парламент, Матјаж Немец, дека „владејачката коалиција на Јанша може да побара и отстранување на словенечката европска комесарка за проширување, Марта Кос – што може да се смета за дел од долгиот конфликт со семејството Кос“.
Јанша, сепак, го поддржува членството на Украина и земјите од Западен Балкан во ЕУ.
Група социјалисти и демократи во Европскиот парламент го дочекаа со големи критики формирањето на новата влада на Јанша и ја означија како „Трампов коњ“, со барање десничарската конзервативна група на Европската народна партија да ја исклучи партијата СДС на Јанша од своето членство.
Во самата Словенија, имајќи го предвид фактот дека изборите сепак беа тесно освоени од владејачката либерално-центристичка партија на Роберт Голоб, формирањето на владата на Јанша предизвика длабоки политички поделби.
Така, професорот по економија Јоже Дамијан оцени дека програмата на Јанша нуди вистински решенија за развој на финансиите, економијата, инфраструктурата, јавната администрација, образованието, здравството, демографијата и природната средина.
Додека неделникот „Младина“, пак, зазеде став дека „новата коалиција предлага мешавина од десничарска милитантна политика и произволна пазарна економија, завиткана во економски прагматизам наводно насочен кон народот“.
