Казината и обложувалниците најмалку 500 метри од училиштата, Собранието го изгласа новиот закон

Собранието го усвои Предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри, со кој се воведуваат построги правила за работењето на казината, обложувалниците и другите приредувачи на игри на среќа.

Законот беше изгласан со 59 гласа „за“ и девет „против“. Една од клучните новини е обврската објектите за игри на среќа да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта.

Со ова решение се воведуваат и дополнителни ограничувања за рекламирањето на игрите на среќа. Ќе биде забрането поставување реклами на излозите на објектите, како и промоции со кои коцкањето се претставува како пат до личен успех, богатство или финансиска добивка.

Новото законско решение предвидува секој апарат за игри на среќа да има ГПС-систем за геолокација, со што Управата за јавни приходи ќе може да врши континуирано следење и контрола на нивната работа.

Со законот се предвидува и забрана за мултиплицирање на лиценците, нови финансиски давачки за отворање уплатно-исплатни места и зголемување на банкарските гаранции за приредувачите на игри на среќа.

Во законското решение се вградени и препораките на MONEYVAL, со цел зајакнување на механизмите за спречување перење пари и финансирање тероризам.

Предлог-законот беше утврден од Владата минатиот месец и е дел од најавените мерки за засилена контрола на секторот за игри на среќа.

Најчитано