„Женски поглед: Филм по нејзина мерка“ – три дена Фестивал на грчки филм во Скопје

Фестивал на грчки филм

Петтото издание на Фестивалот на грчки филм во Скопје ќе се одржи од 25 до 27 ноември во Кинотеката на Република Северна Македонија, со програма посветена на жените режисерки и нивниот придонес во филмската уметност. Под мотото „Женски поглед: Филм по нејзина мерка“, публиката ќе може да проследи три долгометражни и два кратки филма, а во рамките на фестивалот ќе се одржи и панел-дискусија за жените, Балканот и филмот.

На денешната промоција на фестивалската програма, Јанис Малукос, амбасадор на Грција во Северна Македонија рече дека Фестивалот на грчки филм има за цел да придонесе кон културниот дијалог и пријателството меѓу Грција и Северна Македонија, зајакнувајќи ги врските меѓу нашите народи преку креативноста и уметничката размена. 

„Фестивалот на грчки филм не е само можност за промоција на грчката кинематографија, туку и за меѓусебно зближување на луѓето.Културата има уникатна способност да ги надминува границите, да премостува разлики и да создава заедничка основа. Преку кинематографијата откриваме приказни кои можеби потекнуваат од различни општества, но зборуваат за чувства, предизвици и стремежи што сите ги споделуваме. Добриот филм може да ни овозможи да го видиме светот низ очите на некој друг. Може да ги преиспита нашите сфаќања, да нè инспирира и да нè потсети на она што нè поврзува. Токму тоа сакаме да го постигнеме преку нашите културни активности овде, во Северна Македонија“, подвлече Малукос.

За Небојша Јовановиќ, уметнички директор на Фестивалот, филмот како уметност ги обединува речиси сите уметности и има најголема моќ да ја пренесе пораката, но доколку преку неа не проговори суптилниот, длабоко чувствен и креативен женски авторски глас, таа не е комплетна. 

„Бескрајно се радувам што стигнавме до едно заокружување, односно мал јубилеј, 5 години од основањето на фестивалот. Со Фестивалот на грчки филм создадовме традиција во градењето на доверба помеѓу двете земји и општества, во продлабочување на културниот дијалог помеѓу двата народи, растопивме многу предрасуди кои беа длабоко вкоренети во нашата свест, во времиња кои не беа лесни. Со овој фестивал, не само што ги промовираме вредностите на грчката култура, туку ја подигнавме културната дипломатија на највисоко ниво, со што придонесуваме во понатамошен развој на дипломатските односи помеѓу двете земји. Добро е познато дека професиите филмски режисер и директор на фотографија се едни од професиите со најголеми предизвици во филмската индустрија, а и воопшто. Исто така забележливо е дека во светот на филмот се повеќе филмски приказни се раскажани преку женскиот сензибилитет и поглед. Но, не беше така отсекогаш. 

Перцепцијата на оваа професија во минатото беше поинаква, таа доминантно припаѓала на мажите. Но, сведочиме најмалку на промена на перцепцијата за овие професии, што е значаен напредок. Фестивалот на грчки филм Скопје 2026, со концептот за новото издание, посветувајќи го целиот фестивал на храбрите филмски авторки од Грција, сметам дека ќе биде даде значаен придонес кон промените кои се случуваат во филмската индустрија“, рече Јовановиќ.

Програмата ги поврзува современото грчко филмско творештво и филмските дела од различни периоди, отворајќи простор за приказни што ги преиспитуваат родовите претстави, општествените очекувања и вообичаените начини на раскажување.

Фестивалот започнува на 25 ноември во 19 часот со филмот „Titanic Ocean“ на грчката режисерка Константина Коѕамани. Свеченото отворање е најавено за 18:30 часот, а по проекцијата е предвиден разговор со режисерката.

„Titanic Ocean“, долгометражно остварување од 2026 година, ја следи 17-годишната Акаме во јапонски интернат каде што тинејџерки се обучуваат да станат професионални сирени. Приказната ги спојува тинејџерското созревање, романтиката и фантастичните елементи, истражувајќи ги идентитетот, желбата и личната преобразба. Филмот е копродукција на Грција, Германија, Романија, Франција, Шпанија и Јапонија и трае 130 минути.

На 26 ноември, со почеток во 20 часот, следуваат краткиот филм „A Summer Place“ на кипарската авторка Александра Матеу и „Eva“ на Марија Плита. По проекциите е предвиден разговор со професорката Бети Какламаниду.

„A Summer Place“ е филм од 2021 година, во траење од 21 минута, чија приказна се одвива во Лимасол, некогаш мал кипарски приморски град кој се преобразил во место привлечно за олигарсите. Главниот лик, Тина, работи како стилистка за храна и истовремено е дел од трансформацијата на градот и нејзина жртва. На денот на нејзиниот роденден, кога се соочува со тешка лична состојба, една необична средба го менува текот на нејзиниот живот.

„Eva“, грчка мелодрама од 1953 година, е особено значајна во програмата поради авторката Марија Плита, која се смета за првата грчка жена режисерка. Филмот ја следи Ева, мажена жена која започнува љубовна врска додека нејзиниот сопруг е отсутен, со што предизвикува гнев и осуда во конзервативната средина во која живее. По долгогодишно отсуство од филмската историја, делото повторно е откриено и реставрирано во 4K-резолуција. Во мај 2026 година беше прикажано во програмата Cannes Classics на Канскиот филмски фестивал.

Последната фестивалска вечер, на 27 ноември од 20 часот, е резервирана за краткиот филм „Nothing Holier Than a Dolphin“ на Изабела Маргара и долгометражниот „Hard Goodbyes: My Father“ на Пени Панајотопулу.

„Nothing Holier Than a Dolphin“ е филм од 2022 година, во траење од 17 минути, кој преку митот за делфинот и рибарите, медитеранското село и девојката што копнее по морето ги испреплетува реалноста и фантазијата. Режисерката Изабела Маргара, која по професија е и докторка по медицина, во својата работа го истражува човечкото тело и границата меѓу реалното и фантастичното.

„Hard Goodbyes: My Father“ е грчко-германска копродукција од 2002 година. Филмот го следи десетгодишниот Илијас, чиј живот се менува по ненадејната смрт на неговиот татко. Додека семејството се обидува да се справи со загубата, момчето одбива да ја прифати смртта и се повлекува во сопствениот свет на имагинација. Преку неговата перспектива, режисерката Пени Панајотопулу ги обработува тагата, негирањето и тешкиот процес на прифаќање на загубата.

Покрај филмските проекции, на 26 ноември во 11 часот, на Факултетот за драмски уметности во Скопје, ќе се одржи панел-дискусијата „Жените, Балканот и филмската уметност“. На неа ќе учествуваат режисерките Константина Коѕамани, Марија Апчевска и Косара Митиќ, како и професорките Бети Какламаниду и Ана Опачиќ. Модераторка ќе биде Кристина Леловац.

Разговорот ќе ги отвори прашањата за родот, идентитетот и филмскиот израз, како и за тоа како жените авторки ги претставуваат балканските општества, се соочуваат со предрасудите и создаваат сопствени уметнички гласови. Во фокусот ќе бидат и видливоста, професионалното признавање и пристапот на жените до можностите во филмската индустрија.

Организатори на фестивалот се КИНЕНОВА и Амбасадата на Грција во Северна Македонија. Според најавата, влезот на проекциите е бесплатен, а местата се пополнуваат по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?