Опозицијата обвинува: Субвенциите доцнат, откупните цени паѓаат, земјоделците губат

СДСМ ја обвини Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ дека не ги исполнила ветувањата дадени кон земјоделците и дека земјоделскиот сектор се соочува со сериозни проблеми – од намалена финансиска поддршка, преку доцнење на субвенциите, до ниски откупни цени кои, според партијата, не ги покриваат ниту основните производствени трошоци.

Од опозициската партија велат дека премиерот Христијан Мицкоски, додека бил во опозиција, најавувал поголема поддршка, сигурен откуп и подобри услови за земјоделците, но дека, по две години власт, состојбата на терен е спротивна од дадените ветувања.

„Земјоделството е на колена. Субвенциите се намалени за 40 милиони евра и постојано доцнат, откупот на земјоделски производи е намален за 46 проценти, а трошоците за производство се зголемени“, наведуваат од СДСМ.

Како еден од најсериозните примери, партијата ја посочува состојбата во сточарството и откупот на млекото. Според СДСМ, откупната цена на млекото е намалена за повеќе од 30 проценти, а литар млеко денес се откупува за околу дваесет денари, што, како што тврдат, е цена која не ги покрива трошоците на сточарите.

Од партијата дополнително предупредуваат дека две млекарници во делчевскиот регион најавиле прекин на откупот, со што, според нив, голем број сточари може да останат без сигурен пласман и без основна егзистенција.

СДСМ тврди и дека доцнат субвенциите за добиток и премиите за млеко, додека во исто време цените на млекото и млечните производи во маркетите растат.

„Тоа значи дека некој профитира на грбот на македонските сточари“, наведуваат од опозициската партија.

Од СДСМ ја обвинуваат Владата дека не презела мерки за намалување на производствените трошоци, особено во услови на повисоки цени на горивата, и бараат од премиерот Мицкоски да одговори зошто нема конкретни мерки за млекото, оризот, доматот и пиперката.

Според опозициската партија, земјоделците денес се соочуваат со поскапо производство, неизвесен откуп и финансиска поддршка која, како што велат, доцни и не е доволна за стабилизирање на секторот

Најчитано