Премиерот е позагрижен за роденденот отколку дали владата работи

Најавената реконструкција на Владата ќе почека да помине роденденската прослава на ВМРО-ДПМНЕ. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека разговорите со владините партнери за можните кадровски промени ќе почнат по 17 јуни, односно по одбележувањето на 36. роденден на партијата.

Прославата на ВМРО-ДПМНЕ е закажана за среда, 17 јуни, на Градскиот стадион во Струмица, со почеток во 20 часот. Мицкоски рече дека во моментов и тој лично и партијата се насочени кон тој настан.

На новинарско прашање за обемот на најавената реконструкција, премиерот не откри колку ресори би можеле да бидат опфатени со промените. Тој порача дека повеќе сака да зборува за суштината отколку за бројот на министерства или функционери што би можеле да бидат сменети.

„Веќе од следниот ден ќе почнеме разговори со владините партнери околу реконструкцијата. Но, повторно ќе кажам, повеќе би се задржал на содржината отколку на обемот на реконструкцијата. Бидете трпеливи. Станува збор за денови“, изјави Мицкоски.

Со ова, премиерот практично ја помести политичката расправа за реконструкцијата за по партискиот настан, иако темата веќе подолго време е присутна во јавноста и отвора прашања за функционирањето на владиниот состав, позицијата на коалициските партнери и можните кадровски промени во ресорите.

Мицкоски и претходно најави дека разговорите со коалициските партнери ќе зависат од тоа дали има поклопување на визиите. Засега, сепак, не е јасно дали реконструкцијата ќе биде ограничена на неколку ресори или ќе отвори пошироко преуредување на владиниот тим.

Одложувањето на разговорите за по партискиот роденден ја отвора и политичката дилема дали Владата во моментов е фокусирана на сопствената функционалност или на партиската агенда. Одговорот на ова прашање ќе стане појасен по 17 јуни, кога, според најавата на премиерот, треба да почнат конкретните разговори за реконструкцијата.

Најчитано