МНР на Бугарија: Палењето возила е резултат на агресивен политички говор и поттикнување омраза, се застрашуваат Бугарите во Македонија

Бугарија

Министерството за надворешни работи на Република Бугарија најостро го осуди, како што се вели во нивното соопштение, „демонстративниот чин на агресија, кој го загрозува здравјето и животот на вработените во Амбасадата на Бугарија во Македонија“.

Како што е познато, денеска, 15 јуни 2026 година, напладне, непознато лице запали два од дипломатските автомобили на Амбасадата на Република Бугарија во Македонија, лоцирани пред официјалниот влез на мисијата.

Бугарското МНР истакнува дека „без навремена интервенција на бугарскиот конзул со апарат за гаснење пожар, штетата од ова намерно палење можеше да биде значително поголема“ и инсистира на брзо и фер спроведување на правдата во овој случај.

„Овој последен напад врз Бугарија и Бугарите е резултат на агресивен политички говор, поттикнување омраза и недостаток на соодветен одговор од страна на институциите во претходни слични значајни случаи, што создава чувство на неказнивост за сторителите. Потсетуваме дека по последниот напад со палење во Република Северна Македонија врз Бугарскиот културен клуб во градот Битол, наместо да добие соодветна казна, пироманот беше прославен и беше вклучен во предизборна политичка кампања“, се нагласува во соопштението на МНР на Бугарија.

Во реакцијата на МНР на Бугарија се посочува дека „бугарската држава ќе продолжи да ги користи сите воспоставени механизми за да се спротивстави на обидите за создавање атмосфера на страв кај Бугарите во Република Северна Македонија“.

Најчитано