Осомничениот за палењето на двете возила на Бугарската амбасада во Скопје имал тетоважа со ликот на рускиот претседател Владимир Путин, кого, според информации објавени во медиумите, го сметал за свој херој и идол.
Како што објави „Слободен печат“, станува збор за лицето кое денеска беше приведено поради сомнение дека го подметнало пожарот во кој беа опожарени две возила што ѝ припаѓаат на Бугарската амбасада во Скопје. Според објавените информации, кај осомничениот биле пронајдени и дополнителни докази поврзани со случајот.
Претходно, Министерството за внатрешни работи соопшти дека сторителот е идентификуван и лишен од слобода по брза полициска акција. Според медиумските извештаи, осомничениот го признал делото.
Инцидентот предизвика реакции и од македонските и од бугарските власти. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски ја информирал бугарската министерка за надворешни работи дека институциите преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности.
