Поранешниот претседател на Европската комисија и поранешен италијански премиер Романо Проди предупредува дека иднината на Европа зависи од способноста на Европската Унија да остане обединета и политички релевантна во новите глобални околности.
Во интервју за ЕУАлајв (EUalive), Проди оценува дека Европа се наоѓа пред историски предизвик и дека распадот или маргинализацијата на Европската Унија би значеле и крај на цивилизацискиот модел што Европа го градела со векови.
„Ако дозволиме Европската Унија да умре, тогаш завршува и цивилизацијата што ја создадовме“, порачува Проди.
Тој смета дека светот влегува во нова геополитичка ера во која Европа повеќе не може да се потпира на старите безбедносни и политички рамки, особено во односите со Соединетите Американски Држави. Според него, Европејците мора да се приспособат на новата реалност и да преземат поголема одговорност за сопствената безбедност и стратешка автономија.
Проди предупредува и на слабеењето на прогресивните политички сили во Европа. Според него, левицата и центар-левицата губат поддршка затоа што немаат заедничка визија за справување со растечките социјални нееднаквости и економската несигурност кај граѓаните. Тој оценува дека токму социјалната правда и намалувањето на јазот меѓу богатите и сиромашните треба повторно да станат централни политички теми.
Осврнувајќи се на меѓународните конфликти, Проди смета дека Европската Унија не успеала да одигра доволно значајна политичка улога во решавањето на кризите на Блискиот Исток и Медитеранот. Иако ги поздравува напорите за поголема соработка меѓу европските и медитеранските земји, тој смета дека на Европа ѝ недостига единствен и влијателен надворешнополитички настап.
Поранешниот претседател на Европската комисија повторува дека за Европа е неопходно надминување на честите блокади предизвикани од националните вета и носење поефикасни механизми за донесување одлуки, доколку Унијата сака да остане значаен глобален актер во услови на растечка конкуренција меѓу големите сили.
