ЕП денес ќе пресуди дали вториот протокол ќе биде дел од извештајот на Вајц за Македонија, Бугарите нападнаа со опожарените возила

Вајц

Европскиот парламент денеска на пленарна седница во Стразбур ќе гласа за конечната верзија на  извештајот за напредокот на Северна Македонија на патот кон Европската Унија на известувачот за нашата земја, европратеникот Томас Вајц.

Неколку дена откако амандманите на текстовите беа усвоени од страна на АФЕТ комитетот, известувачот Томас Вајц поднесе официјален предлог за нов амандман.

Со Амандманот 3, тој инсистира на целосно бришење на ставот 73 од текстот на идната резолуција. Во оваа навидум строго техничка постапка, Бугарија препознава политички маневар: ако амандманот биде усвоен, текстот нема конкретно да го спомене Вториот протокол кон Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија.

За Северна Македонија предметниот став е вистински трн во извештајот. Тој инсистира Заедничката историска комисија да постигне „јасни и опипливи резултати“, потпирајќи се исклучиво на „објективни, автентични и докажани историски извори и документи“, „во согласност со одредбите од Вториот протокол“. Терминот „заедничка историја“ е исто така присутен таму.

Ако тоа остане така, ја става нашата земја во неповолна позиција затоа што секој иден извештај за напредокот ќе се врзува за напредокот на заедничката историска бг/мкд комисија и тоа практично значи ќор-сокак, односно можност за континуирана блокада затоа што комисијата со новиот состав нема постигнато никаков напредок. Поточно, бугарската страна во комисијата го инструментализираше оваа нејзина улога за да биде „маша“ на бугарската политичка елита и да го условува напредокот на Македонија во процесот на евроинтеграцијата.

Така делуваат и бугарските европратеници во Европскиот Парламент.

Во расправата во ЕП пред денешната седница, Андреј Ковачев (ГЕРБ/ЕПП) му се обрати на Томас Вајц со зборовите: „И двајцата ја поддржуваме Северна Македонија, но мотивирањето да не ги исполнуваат своите обврски не е корисно“.

„Изненаден сум од обидот да се отстрани дел од текстот“, рече тој, осврнувајќи се на ставот 73.

Тој нагласи дека Договорот со Бугарија, заедно со протоколите кон него, е дел од преговарачката рамка. Тој истакна дека затоа нацрт-извештајот содржи текст според кој Комисијата за историски и образовни прашања мора да работи врз основа на академски и научни методи, како и автентични и објективни докази.

Ивајло Валчев (ITN/Европски конзервативци и реформисти) потсети на палењето на два автомобила во бугарската амбасада во Македонија на сред бел ден на 15 јуни. „Таква Северна Македонија нема место во Европската унија сè додека не ги спроведе потребните реформи“.

Станислав Стојанов („Вазраждане“/Европа на суверени нации) додаде дека е очигледно дека Северна Македонија не може да ја гарантира безбедноста на земјите-членки на унијата. „Нејзините граѓани заслужуваат подобра иднина, но тоа поминува низ реформи, владеење на правото и почитување на правата на сите заедници“, нагласи тој.

На 3 јуни, предлогот на известувачот Томас Вајц, кој го доведуваше во прашање правниот статус на вториот протокол кон Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија, беше отстранет од текстот.

Наместо тоа, усвоената верзија експлицитно потврдува дека Македонија мора да ја исполни својата обврска за уставните измени. Текстот го нагласува ставот на Европскиот Совет е подготвен да одржи меѓувладина конференција без понатамошно одложување или дополнителни политички одлуки, штом Северна Македонија ја исполни својата обврска да ги заврши потребните уставни измени во согласност со своите внатрешни процедури.

Извештајот, исто така, го критикува недостатокот на напредок по голем број прашања. Изразува сериозна загриженост што последниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија, основана согласно член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, се одржа на 17 јули 2022 година и дека оттогаш не е одржан нов состанок. Владите на Бугарија и Северна Македонија се повикуваат брзо да го организираат третиот состанок на Комисијата со цел да се продолжи со спроведувањето на Договорот и неговите протоколи.

Во нацрт извештајот на Вајц е нагласена и потребата од отворање на архивите на југословенските тајни служби УДБА и КОС, кои се чуваат во Северна Македонија и Србија.

Меѓу појважните точки во сегашната верзија на текстот е важноста на прекуграничните врски, вклучувајќи ги коридорите VIII и X, кои се идентификувани како витални за зајакнување на економската соработка. Извештајот, исто така, ја нагласува обврската на сите земји-членки на Советот на Европа брзо да ги спроведат преостанатите пресуди на Европскиот суд за човекови права. Се забележува дека сите законски измени мора да бидат во согласност со меѓународните стандарди и препораките на Венецијанската комисија, како и да бидат во согласност со препораката на Европската комисија против расизам и нетолеранција, вклучително и во однос на Законот за здруженија и фондации и спроведувањето на судските одлуки поврзани со регистрацијата на здруженија.

Најчитано