СДСМ: ЗНАМ е сателит на ВМРО-ДПМНЕ, Димитриевски остана сам да го „одработи“ авансот од Мицкоски

СДСМ

Опозициската СДСМ упати остри критики кон партијата ЗНАМ и нејзиниот лидер Максим Димитриевски, обвинувајќи ги дека дејствуваат во интерес на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски.

Во партиското соопштение, СДСМ тврди дека причините за влегувањето на ЗНАМ во владината коалиција им се познати на граѓаните и дека тие се поврзани со, како што наведуваат, „лични и бизнис интереси“.

Од СДСМ оценуваат дека Димитриевски „прво ја предал сопствената партија, а потоа и своите гласачи“, посочувајќи дека ЗНАМ се соочува со заминување на пратеници и советници.

„Остана само Максо да го ‘одработи’ авансот што го доби од Мицкоски“, наведуваат од опозициската партија.

СДСМ понатаму обвинува дека ЗНАМ не е самостоен политички субјект, туку „сателит на ВМРО-ДПМНЕ“, создаден, како што тврдат, за да ја ослабне опозицијата и да ги збунува гласачите.

Во соопштението се поставува и прашањето кога Јавното обвинителство ќе се произнесе по пријавата поврзана со тендерите во Пошта, случај за кој опозициската партија претходно изнесуваше обвинувања.

Од ЗНАМ засега нема реакција на обвинувањата изнесени од СДСМ.

Најчитано