По повод 8 годишнината од Договорот од Преспа, Рацин.мк го презеде со линк документарниот филм „Договор со историјата“ кој неодамна, на 21 април, беше премиерно прикажан на Филолошкиот факултет на УКИМ во Скопје.
„Договор со историјата“ е документарен филм изработен од Диверзити Медиа. Во него се пренесени сведоштва на луѓето кои на различен начин беа вклучени во процесот на создавање на Преспанскиот договор со што беше окончан долгогодишниот спор со Грција за името.
„Се обидовме да дадеме една друга димензија на ова прашање кое и натаму предизвикува реакции во македонската јавност“, велат авторите на филмот Соња Крамарска и Душко Арсовски.
Вредноста на овој документарен запис се учеството и исказите на главните актери на Преспанскиот договор. Од денешна временска дистанца, ослободени од притисокот на политичките реакции за кои не може да се каже им беа наклонети, тие ја опишуваат драмата којашто се случувала за време на средбите и преговорите, како и соочувањата со политичките ризици и гнев што ги следеле на патот до решението.
Во филмот на Крамарска и Арсовски се архивирани сеќавањата и коментарите на двајцата премиери во тоа време Зоран Заев и Алексис Ципрас, на министрите за надворешни работи Никола Димитров, кој е потписник на договорот, како и Денко Малески и Бујар Османи кои во различни фази имале свокј придонес во потрагата по решение за спорот со Грција.
Лидерството на Зоран Заев и Алексис Ципрас беше пресудно да се постигне Преспанскиот договор, вели американскиот дипломат и посредник во македонско-грчките преговори Метју Нимиц, кој исто така е еден од централните ликови во овој документарен запис.
Во филмот говорат и Нола Исмајлоска Старова, во тоа време пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, која во Собранието беше една од осумтемина пратеници на оваа партија коишто гласаа за Преспанскиот договор, како и Марјан Забрчанец, тогаш национален координатор за комуникации во Владата и Евенгелос Калпадакис, од кабинетот на Ципрас, и новинарките Слободанка Јовановска од Независен.мк и Каки Бали, дописничка на Дојче Веле од Атина.
Поканата да учествуваат во филмот ја одбиле Христијан Мицкоски, Тимчо Муцунски и Никос Коѕијас.
Покрај авторите Соња Крамарска и Душко Арсовски, кој истовремено е и режисер на филмот заедно со Ана Василевска, музиката е авторство на Златко Ориѓански, камерата е на Трајче Илиевска, а монтажата на Давид М.
Проектот е поддржан со грант од амбасадата на САД во Македонија доделен во 2024 година.
