Вајц за Канал5: Жал ми е што спорот со Софија влезе во извештајот за Македонија

Вајц

Вајц за Канал5 изјави дека жали што билатералните прашања меѓу Скопје и Софија станале дел од извештајот за напредокот на Македонија во Европскиот парламент, признавајќи дека не ја поддржувал спорната терминологија и одредбите поврзани со билатералниот спор. Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, во интервју за Канал 5 оценува дека таквите прашања не требало да бидат внесени во документ што треба да го мери европскиот напредок на земјата.

Изјавата доаѓа во чувствителен момент, откако Европскиот парламент го изгласа извештајот за Македонија со 411 гласа „за“, 120 против и 120 воздржани. Иако документот формално е извештај за напредокот на земјата, финалната верзија ја задржа една од најспорните точки: делот поврзан со Вториот протокол од Договорот со Бугарија, очекувањата од Историската комисија и формулациите за „заедничка историја“.

Во финалниот текст не поминал обидот за целосно бришење на ставот 73 од резолуцијата. Тоа значи дека во извештајот остануваат барањето Историската комисија да постигне „јасни и опипливи резултати“, повикувањето на протоколот со Бугарија, но и делови што предизвикаа остри реакции во македонската јавност.

Вајц, како известувач за Македонија, во интервјуто посочува дека не ги поддржувал тие спорни делови. Неговата порака е важна затоа што доаѓа од човекот што го водеше извештајот низ европските процедури, а кој сега јавно признава дека билатералните прашања меѓу Скопје и Софија не требало да станат дел од европски документ за напредок.

Во политичка смисла, ова ја отвора старата дилема: дали Македонија се оценува според реформите, владеењето на правото, институциите и Копенхашките критериуми, или европскиот процес повторно се претвора во поле за историски и идентитетски притисоци. Тоа е суштината на реакцијата на Вајц — дека извештајот за напредокот не треба да биде место каде што билатералниот спор станува европски услов.

Во дебатата пред гласањето доминираа и реакциите на бугарските европратеници, особено по палењето на автомобилите пред бугарската амбасада во Скопје. Дел од нив го искористија инцидентот за дополнителни критики кон Македонија и кон нејзиниот државно-политички врв, додека извештајот остана оптоварен со теми што излегуваат надвор од класичната реформска рамка.

.

Најчитано