Според податоците што ги објавуваат регионалните медиуми, четиричлено семејство за десетдневен одмор во Грција треба да планира буџет од најмалку 1.200 евра, а во зависност од начинот на летување трошоците можат да надминат и 4.000 евра. Цените годинава се повисоки за околу 10 проценти во однос на лани. Во овој период од годината зборуваме за одмор во екот на сезоната од средината на јули до средината на август.
Колку чини престој во апартман?
За семејство што ќе престојува во апартман од средна категорија, сместувањето за десет ноќевања чини меѓу 800 и 1.500 евра, во зависност од дестинацијата, периодот и оддалеченоста од плажата.
Доколку семејството најголемиот дел од оброците ги подготвува самостојно и купува намирници од локалните маркети, за храна ќе бидат потребни дополнителни 400 до 800 евра. Во таков случај вкупниот буџет за десетдневен одмор изнесува меѓу 1.200 и 2.300 евра, без трошоците за патување, гориво, патарини и други дополнителни издатоци.
Колку ако се јаде по ресторани?
Сметката значително расте ако семејството редовно руча и вечера во таверни и ресторани. За таков начин на одмор потребни се дополнителни 1.000 до 1.600 евра за храна. Според туристичките експерти, гиро чини околу 5 евра, грчка салата од 7 до 13 евра, а главните јадења најчесто се движат од 9 до 18 евра, додека рибните специјалитети се поскапи.
Во ова сценарио, четиричлено семејство ќе потроши меѓу 1.800 и 3.100 евра за десет дена летување, без да се пресметаат патните трошоци.
Хотелското сместување е најскапо
За семејствата што избираат хотел од средна категорија, само сместувањето може да чини од 1.500 до 3.000 евра. Кога ќе се додадат секојдневните трошоци и исхраната, вкупната сума достигнува од 2.300 до 4.000 евра за десетдневен одмор.
А колку би платило едно македонско семејство?
За македонските туристи треба да се додадат и трошоците за гориво, патарини низ Северна Македонија и Грција, како и лежалки, кафе на плажа, сладоледи, сувенири и евентуални екскурзии. Во пракса, тоа значи дека едно четиричлено семејство кое летува во апартман и внимава на трошоците тешко може да помине со помалку од 1.500 евра, додека покомфорен одмор со ресторани и хотелско сместување лесно може да достигне 3.500 до 4.500 евра.
Токму затоа, иако Грција останува убедливо најпопуларна летна дестинација за граѓаните од регионот, летувањето во 2026 година станува сè посериозен удар врз семејниот буџет.
