СДСМ прашува колку чинела прославата на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица

СДСМ

Опозициската СДСМ побара одговори за трошоците поврзани со прославата што ја организираше ВМРО-ДПМНЕ во Струмица, поставувајќи прашање дали за настанот биле потрошени стотици илјади евра јавни средства.

Од партијата прашуваат колку ги чинела граѓаните прославата на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и неговата партија, наведувајќи суми од 300.000 до 500.000 евра, но и можност дека трошоците биле уште поголеми.

„Превоз со автобуси, списоци од вработени по јавна администрација од цела Македонија, дневници? Колку ги чинеше тоа граѓаните? Како да го донеле Дејвид Гета?“, прашуваат од СДСМ.

Во реакцијата, опозициската партија обвинува дека власта организира скапи прослави во време кога, според нив, граѓаните се соочуваат со раст на цените, намален животен стандард и економски тешкотии.

Од СДСМ тврдат дека државата нема доволно средства за повисоки плати, поголеми субвенции за земјоделците, зголемување на минималната плата, поддршка за младите и други социјални мерки, додека истовремено, според нив, се трошат средства за партиски активности и „луксуз на власта“.

Партијата на крајот повторно побара одговор на прашањето колку чинела прославата во Струмица и од кои извори биле обезбедени средствата за нејзина организација.

Најчитано