ХЕРА го поздравува усвојувањето на Извештајот на Европскиот парламент за Северна Македонија како важна порака дека европската интеграција не е само технички процес, туку пред сè политичка и вредносна обврска кон демократијата, владеењето на правото, човековите права, слободните медиуми и активното учество на граѓаните.
Извештајот јасно потсетува дека напредокот кон Европската Унија мора да почнува и да се мери преку кластерот „Фундаментални вредности“. За ХЕРА, тоа значи дека реформите не смеат да се сведат на формално усогласување на законите, туку мора да донесат реална заштита за луѓето, независни институции, отчетна власт и еднаков пристап до права и услуги за сите граѓани, особено за жените, младите, Ромите, ЛГБТИК+ луѓето, лицата со попреченост и сите маргинализирани заедници.
Посебно е важно што европските институции повторно ја нагласуваат улогата на граѓанското општество. Граѓанските организации не се декор во процесот на пристапување, туку неопходен коректив, извор на експертиза и директна врска со граѓаните. Затоа бараме Владата и Собранието да обезбедат суштинско, навремено и транспарентно вклучување на граѓанските организации во сите реформски процеси поврзани со ЕУ, вклучително и во реформската агенда, патоказите за владеење на правото и демократските институции, како и во подготовката и следењето на законите што ги засегаат човековите права.
Реактивирањето на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество е позитивен чекор, но тој мора да стане функционален механизам за дијалог, а не формална структура без влијание. Истовремено, државата мора итно да обезбеди јасна, транспарентна и предвидлива рамка за јавно финансирање на граѓанските организации. Без независно и одржливо граѓанско општество, нема силна демократија.
ХЕРА изразува загриженост и за состојбата со медиумската слобода и безбедноста на новинарите. Независните медиуми, истражувачкото новинарство и проверката на факти се клучни за отпорноста на општеството, особено во време на дезинформации, политичка поларизација и надворешни влијанија. Потребно е целосно усогласување на медиумското законодавство со европските стандарди, транспарентност на медиумската сопственост, правична и недискриминаторска распределба на јавните средства и државното рекламирање, како и ефикасна заштита од закани, вознемирување, насилство и стратешки тужби против јавна критика.
Извештајот треба да се чита и како сериозно предупредување за странските влијанија, дезинформациите и хибридните закани. Северна Македонија нема да биде демократски отпорна доколку институциите не препознаат дека нападите врз родовата еднаквост, сексуалното и репродуктивното здравје и права, ЛГБТИК+ луѓето, граѓанското општество и независните медиуми често се дел од пошироки антидемократски стратегии. Овие процеси не се изолирани „културни дебати“, туку организирани обиди за намалување на довербата во демократијата, институциите и европската перспектива.
Во тој контекст, особено загрижува назадувањето во политиките за родова еднаквост. Отстранувањето или релативизирањето на содржините за родова еднаквост, сексуално и репродуктивно здравје и недискриминација од образовните и јавните политики директно ја ослабува заштитата на младите, жените и маргинализираните заедници. Промената на јазикот од „родова еднаквост“ кон потесни и помалку заштитни формулации не е безначајна терминолошка промена, туку политички сигнал што може да го поткопа постојниот систем за еднаквост и заштита од насилство.
ХЕРА потсетува дека европскиот пат на Северна Македонија мора да биде пат на проширување, а не стеснување на правата. Вистинскиот тест за реформите е дали тие ги штитат оние кои најчесто остануваат невидливи, дали обезбедуваат пристап до услуги, дали гарантираат заштита од дискриминација и насилство и дали создаваат институции кои работат во интерес на граѓаните, а не на партиски, економски или надворешни центри на влијание.
Затоа ХЕРА бара:
- Владата и Собранието да го постават кластерот „Фундаментални вредности“ во центарот на сите реформски процеси;
- граѓанските организации суштински да се вклучат во подготовката, спроведувањето и мониторингот на реформите поврзани со ЕУ;
- да се обезбеди транспарентна и одржлива рамка за јавно финансирање на граѓанското општество;
- да се зајакне заштитата на независните медиуми, истражувачките новинари и проверувачите на факти;
- да се воспостави јасна институционална рамка за справување со странска манипулација со информации, дезинформации и хибридни закани;
- да се запре назадувањето во политиките за родова еднаквост, недискриминација и сексуално и репродуктивно здравје и права;
- итно да се ревидираат законските и подзаконските решенија во образованието за да се гарантираат принципите на родова еднаквост, недискриминација, инклузивност и образование засновано на човекови права;
- Европската Унија и Делегацијата на ЕУ во земјата да продолжат со директна, видлива и принципиелна поддршка за граѓанското општество, независните медиуми и бранителите на човековите права.
Северна Македонија не може да се движи кон Европската Унија со ослабени демократски институции, ограничен простор за граѓанско учество, притисок врз медиумите и релативизирање на човековите права. Европската интеграција мора да биде процес што ја зајакнува демократијата одвнатре — преку институции што служат на граѓаните, медиуми што можат слободно да прашуваат, граѓански организации што можат безбедно да работат и политики што ја штитат еднаквоста за сите.
ХЕРА останува посветена на европската иднина на земјата, но таа иднина мора да биде заснована на достоинство, еднаквост, слобода, солидарност и реална заштита на човековите права.
