Францускиот претседател Емануел Макрон денес изјави дека не верува оти војната меѓу Соединетите Американски Држави и Иран е „целосно завршена“, и покрај договорот што беше потпишан претходниот ден во Версај.
Во интервју за телевизијата Франс 2, Макрон рече дека „секогаш е подобро да се има договор отколку војна“, но предупреди дека сè уште постои ризик од ескалација, наведувајќи дека светот влегува во „нова фаза на соработка и дијалог“, што би можело да придонесе за стабилизација на регионот и да овозможи побезбеден проток на танкери за нафта низ Ормутскиот теснец.
Тој, исто така, изрази очекување дека ова би можело да доведе до постепен пад на цените на горивата. Зборувајќи за Блискиот Исток, францускиот претседател го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да покаже „одговорност и рационалност“, оценувајќи дека долгорочната воена операција против Хезболах во јужен Либан не е во интерес на Израел. „Хезболах е опасност за Израел, тоа е апсолутно точно, но безбедноста на еврејската држава не може да се гарантира со освојување на соседната територија“, рече Макрон, додавајќи дека повторно ќе се обиде да ја мобилизира меѓународната заедница за да „ѝ помогне на либанската армија да ја врати контролата врз својата територија“.
Според него, со своите потези во Газа, Западниот Брег и Либан, Нетанјаху „го зголемува чувството на огорченост и насилство во регионот“.
Макрон, исто така, најави дека Франција ќе продолжи да ја мобилизира меѓународната заедница со цел да ја зајакне улогата на либанската армија и да ја врати контролата врз територијата.
Зборувајќи за ситуацијата во Украина, Макрон ја пофали „исклучителната храброст“ на украинските сили, наведувајќи дека нивната способност за производство и употреба на беспилотни летала покажува високо ниво на иновативност во војната против Русија, пренесува Танјуг. „Украина се спротивставува со храброст, иновативен капацитет и капацитет за воено производство што ги воодушеви сите од првиот ден“, додаде тој.
