Нема да има блокада кон Бугарија: Откажан протестот на трите гранични премини

На граничните премини меѓу Македонија и Бугарија в недела, 21 јуни, нема да има најавена блокада, откако организаторите ја повлекоа одлуката по разговорите со бугарските власти и дипломатски претставници.

Двочасовната блокада на сите три гранични премини, која ја најави бугарската Фондација „Македонија“, е официјално откажана. Нејзиниот претседател Виктор Стојанов соопштил дека одлуката била донесена по разговори со претставници на бугарското Министерство за надворешни работи и со бугарскиот амбасадор во Скопје, Желјазко Радуков.

Според Стојанов, надлежните институции веќе биле известени да ги откажат полициските и организациските подготовки за протестот, со цел да се избегнат дополнителни тензии и непотребно ангажирање административни и безбедносни ресурси.

Одлуката следува по јавниот апел на амбасадорот Радуков, кој побара организаторите да не ги блокираат граничните премини и патиштата меѓу двете земји. Тој оцени дека незадоволството треба да се изразува во конструктивна и европска форма, без попречување на контактите, трговијата и движењето на граѓаните.

Од Асоцијацијата на превозници „Макам-транс“ информираа дека, според моменталните информации, на 21 јуни не се очекуваат организирани блокади и дека товарниот и патничкиот сообраќај треба да се одвива непречено. На превозниците и граѓаните им се препорачува да ги следат официјалните информации од надлежните институции во случај на евентуални промени.

Најавениот протест требаше да трае 120 минути и, според организаторите, да претставува израз на незадоволство од односот на македонските власти кон граѓаните кои се самоопределуваат како Бугари. Стојанов оцени дека блокирањето на границата во овој момент би било контрапродуктивно и најави други активности на организацијата.

Најчитано