Поранешниот медицински директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и поранешниот организациски директор Нехад Нухи излегуваат од притвор, откако судот ги прифати понудените гаранции обезбедени со хипотека на недвижен имот.
Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје ја донел одлуката по предлог на одбраната и по добиено позитивно мислење од надлежното Јавно обвинителство.
За Васев е прифатена гаранција во вредност од 183.981 евро, додека за Нухи гаранцијата изнесува 348.049 евра. Во двата случаи гаранциите се обезбедени со ставање недвижен имот под хипотека во корист на државата.
Покрај гаранциите, судот им определил повеќе мерки на претпазливост. Тие нема да смеат да го напуштаат живеалиштето, односно престојувалиштето на територијата на Скопје, ќе мора еднаш месечно да се јавуваат во судот, а привремено им се одземени и патните исправи. Забрането е и издавање нови документи за преминување на државната граница.
Од судот информирале дека при одлучувањето бил земен предвид и фактот дека мерката притвор, која била определена со решение на Апелациониот суд Скопје, можела да трае најдоцна до 18 јули 2026 година.
Решенијата станале правосилни откако обвинителството се откажало од правото на жалба, а понудените хипотеки биле впишани во Катастарот на недвижности. По исполнувањето на овие услови, двајцата обвинети се ослободени од притвор.
Васев и Нухи се обвинети во предметот познат како „Онкологија 2“. Според обвинението, тие во периодот од 2018 до 2022 година учествувале во незаконски набавки на лекови и присвојување терапија, при што државниот буџет наводно бил оштетен за речиси 36 милиони евра.
Судската постапка е во тек, а двајцата обвинети имаат право на пресумпција на невиност до донесување правосилна судска пресуда.
