ТВ Телма: ВРЕДИ ги добива Правда и Култура, Димитриевски вели ЗНАМ останува со две министерства

кризна

Во пресрет на најавената реконструкција на Владата, во владејачката коалиција продолжуваат преговорите за распределбата на министерските ресори. Според информации објавени од Телевизија Телма, коалицијата ВРЕДИ очекува да ги преземе Министерството за правда од ЗНАМ и Министерството за култура од ВМРО-ДПМНЕ, додека за возврат ќе го отстапи ресорот здравство.

Според телевизијата, ваквата распределба е дел од разговорите меѓу коалициските партнери, но конечен договор сè уште не е постигнат.

Претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, изјави дека во тек се разговори и дека „сите опции се на маса“, но нагласи дека конечниот епилог се очекува во вторник.

„Многу понуди се на маса, ќе изброиме до три, а потоа ќе пресечеме и конечниот епилог ќе го имаме во вторник“, изјави Димитриевски, додавајќи дека ЗНАМ и по реконструкцијата ќе остане со две министерства и ќе биде кадровски посилен.

Тој ги отфрли шпекулациите за несогласувања во партијата и рече дека е задоволен од работата на министрите од редовите на ЗНАМ, Игор Филков и Горан Минчев.

Во меѓувреме, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, коментирајќи ги шпекулациите дека би можел да ротира во Министерството за правда, изјави дека пред него има уште многу работа во МВР и дека е фокусиран на продолжување на реформите во ресорот.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека предлогот за реконструкција на Владата треба да биде доставен до Собранието до 1 јули.

Најчитано