Левица најави блокада на Изборниот законик: Апасиев тврди дека останува политичката дискриминација

Левица ќе го блокира донесувањето на измените на Изборниот законик доколку во конечниот текст останат решенијата што партијата ги оценува како политички дискриминаторски, најави лидерот Димитар Апасиев.

Апасиев на денешната прес-конференција изјави дека во работната група не бил постигнат консензус и дека учеството на претставници на Левица во разговорите не значи оти партијата ги прифатила предложените измени.

Според него, по одржаните состаноци останале отворени пет клучни прашања – условите за учество на независните кандидати по одлуката на Уставниот суд, електронското гласање на дијаспората, државното финансирање на изборните кампањи, распределбата на билбордите и воведувањето една изборна единица.

Левица бара или државните средства за изборните кампањи да бидат распределувани под еднакви услови за сите политички субјекти или финансирањето целосно да се укине и да биде заменето со јавни дебати.

„Повторно за сите има средства, освен за Левица, што претставува класична политичка дискриминација“, изјави Апасиев, додавајќи дека партијата ќе побара Уставниот суд да ја оцени уставноста на членот 76-д од Изборниот законик. Според него, токму оваа одредба ја исклучува Левица од системот на државно финансирање на изборните кампањи.

Апасиев тврди дека Левица со двајца пратеници во претходниот состав добивала повеќе средства отколку сега, кога има шест пратеници, оценувајќи дека таквото решение нема разумно оправдување.

Партијата се залага и за целосно нов Изборен законик, наместо за нови парцијални интервенции во постојниот текст. Апасиев го оцени актуелниот законик како тешко разбирлив и номотехнички неуреден документ.

Официјалниот предлог сè уште не бил доставен до пратениците во моментот на прес-конференцијата. Според информациите на Левица, се очекува тој да влезе во собраниска процедура во текот на денот поради роковите од Реформската агенда.

„Апелираме на разумност и овој процес да не се саботира. Во спротивно, пратениците на Левица уште денес ќе го блокираат донесувањето на Изборниот законик“, порача Апасиев.

Најчитано