Нова американска студија: Дали iPhone придонесе за падот на наталитетот?

Паметните телефони, особено по појавата на првиот iPhone во 2007 година, можеби имаат многу поголемо влијание врз општеството отколку што досега се претпоставуваше. Нова американска студија сугерира дека масовната употреба на паметните телефони можела значително да придонесе за падот на наталитетот, особено кај младите луѓе. 

Истражувањето, спроведено од економисти од колеџот Middlebury и објавено како научен труд на Националното биро за економски истражувања (NBER), анализирало како ширењето на iPhone низ САД влијаело врз стапката на раѓања. Бидејќи од 2007 до 2011 година телефонот бил достапен исклучиво преку операторот AT&T, истражувачите можеле да ги споредат регионите каде што паметниот телефон станал достапен порано со оние каде што пристигнал подоцна. 

Резултатите покажуваат дека во областите каде што iPhone побрзо се проширил, бројот на раѓања значително опаднал. Најголем пад е забележан кај девојките на возраст од 15 до 19 години, каде што стапката на наталитет била помала за 4,5 до 8 проценти, додека кај жените од 20 до 24 години намалувањето изнесувало 3,2 до 6,6 проценти. Според авторите, ширењето на паметните телефони може да објасни меѓу 33 и 52 проценти од вкупниот пад на наталитетот во САД кај жените на возраст од 15 до 44 години. 

Научниците нагласуваат дека iPhone не е единствената причина за намалувањето на бројот на раѓања, но сметаат дека паметните телефони значително го промениле начинот на кој луѓето комуницираат. Поголем дел од времето се поминува пред екрани, има помалку непосредни средби и социјални контакти, а истражувањата укажуваат и на намалена сексуална активност кај младите генерации. 

Истражувачите истакнуваат дека економските фактори, високите трошоци за живот, домувањето, грижата за децата и променетите животни приоритети и понатаму имаат значајна улога во падот на наталитетот. Сепак, резултатите од студијата покажуваат дека технолошките промени треба да се земат предвид како дополнителен фактор кој влијае врз демографските трендови. 

Иако станува збор за научна анализа што сè уште предизвикува дебати меѓу експертите, авторите оценуваат дека современата технологија не влијае само врз начинот на комуникација, туку и врз одлуките за создавање семејство и раѓање деца. Поради тоа, тие сметаат дека идните демографски политики треба да ги земат предвид и промените во начинот на живот што ги донесе дигиталната ера. 

Најчитано