Лe Пен: „Нема да се кандидирам ако морам да носам електронска нараквица“

Француската крајнодесничарска лидерка Марин Ле Пен изјави дека нема да учествува на претседателските избори во 2027 година доколку судот ја задолжи да носи електронска нараквица како дел од казна во случајот поврзан со злоупотреба на средства од Европскиот парламент.

Таа истакна дека ваквата мерка би ја оневозможила нејзината изборна кампања, бидејќи би значела ограничување на движењето и политичките активности, што според неа е неспоиво со учество во претседателска трка. 

Ле Пен е осудена во постапка во која францускиот суд утврди дека таа и нејзината партија Национален собир биле дел од систем за злоупотреба на околу 2,9 милиони евра средства од Европскиот парламент, преку фиктивно ангажирање парламентарни асистенти кои работеле за партијата. 

Случајот моментално е во жалбена постапка, а конечната одлука на апелациониот суд се очекува во јули 2026 година. Во зависност од исходот, Ле Пен може да се соочи со забрана за извршување јавни функции, електронски надзор или комбинација од двете мерки. 

Политичката изјава на Ле Пен доаѓа во чувствителен момент, бидејќи таа важи за еден од главните фаворити на претседателските избори во Франција во 2027 година. Доколку биде спречена да се кандидира, како можен наследник на нејзината политичка позиција се споменува нејзиниот близок соработник Џордан Бардела.

Најчитано