Се нормализираа услугите на Мајкрософт

Технолошкиот гигант Мајкрософт утрово соопшти дека во целост се обновени услугите на платформите Тимс, Аутлук, Копајлот и во другите деловни апликации. Со ова заврши глобалниот прекин на системот што повеќе од 24 часа ја отежнуваше онлајн комуникацијата на компаниите и државните институции низ светот.

Од компанијата информираа дека техничките тимови целосно ја завршиле работата за отстранување на основната причина за инцидентот. Услугата е повторно воспоставена за сите преостанати погодени корисници и региони.

Техничките проблеми ги зафатија Аутлук, Мајкрософт Ексчејнџ Онлајн и други сервиси поврзани со електронската пошта. За време на прекинот, корисниците не можеа да испраќаат и да примаат пораки, да пристапат до алатката за вештачка интелигенција Копајлот, ниту да се вклучуваат на претходно закажани состаноци преку платформата Тимс.

Потешкотии беа регистрирани и кај сервисите наменети за споделување документи, управување со деловни податоци и заштита на електронската пошта.

Последиците од падот на системот се почувствуваа во повеќе држави на различни континенти. Во САД, одделни градски управи ги повикаа граѓаните да ги контактираат исклучиво телефонски поради нефункционалноста на нивните интернет-сервиси.

Во Велика Британија дел од граѓаните се соочија со проблеми при издавањето лекарски рецепти, а неколку полициски управи упатија апел кривичните дела и другите инциденти да се пријавуваат по телефон наместо преку веб-страниците.

Прекинот ја отежна работата и на банкарските службеници во Хонг Конг, додека државните службеници во Јапонија беа принудени да изработуваат хартиени копии од документите.

Платформите Тимс, Аутлук и Ексчејнџ Онлајн се дел од пакет-услугите Мајкрософт 365, кои секојдневно ги користат милиони деловни субјекти, болници, банки и владини институции како основна дигитална инфраструктура за секојдневна работа и размена на податоци.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?