Пехчево остана без банка, па неговите жители за подигнување плата или пензија, плаќање сметки и други основни банкарски услуги мора да патуваат до Берово или Делчево. Она што во другите градови трае неколку минути, за жителите на Пехчево сега може да значи цел ден патување, дополнителни трошоци и зависност од туѓ превоз.
Најблиската банкарска експозитура е во Берово, оддалечено околу 10 километри, додека до Делчево има околу 30 километри. Проблемот е особено тежок за повозрасните жители, кои се најбројни во општината и често немаат сопствено возило, редовен автобуски превоз или достапно такси.
Во градот има само еден банкомат, но жителите велат дека тој често останува без пари. Така, дури и наједноставното подигнување готовина се претвора во неизвесност, а граѓаните мора да бараат превоз до соседните градови и да плаќаат дополнителни трошоци.
Жителите предупредуваат дека исчезнувањето на банките е уште еден знак дека Пехчево постепено останува без основните услови за нормален живот. Дел од нив стравуваат дека следна на удар би можела да биде Итната медицинска помош, иако локалната власт уверува дека тој проблем е надминат.
Градоначалникот Александар Китановски соопшти дека Општината стапила во контакт со повеќе банки и дека се водат сериозни разговори со една поголема македонска банка за отворање канцеларија или експозитура во Пехчево.
Општината, според последниот попис, има речиси 4.000 жители, но локалното население смета дека реалната бројка е уште помала. Младите продолжуваат да се иселуваат, а во градот остануваат претежно повозрасни лица, кои најтешко можат да патуваат за да ги завршат основните обврски.
Поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, предупредува дека иселувањето не е последица само на ниските приходи, туку и на слабеењето на здравството, образованието, правната сигурност и достапноста на основните услуги.
Пехчево така се најде во апсурдна состојба: град со илјадници жители нема ниту една банка, единствениот банкомат често е празен, јавниот превоз е ограничен, а граѓаните мора да заминат во друга општина само за да ја подигнат сопствената пензија или плата.
