Два од петте конфискувани стана на поранешниот премиер Никола Груевски се продадени на електронското јавно наддавање што го спроведе Агенцијата за управување со одземен имот.
Станува збор за два стана на улицата „Бихаќка“ во Скопје, кои биле продадени по почетните цени утврдени во јавниот оглас. Едниот стан, со површина од 57 квадратни метри, е продаден за 63.000 евра, додека вториот, од 38 квадратни метри, за 44.000 евра.
Трите луксузни станови во комплексот „Панорама“ на Водно не добиле купувачи на првата аукција, по што повторно беа понудени на продажба со намалени почетни цени, согласно Законот за управување со одземен имот. Нивната вкупна почетна вредност беше намалена од околу 2,4 милиони евра на 1,84 милиони евра.
Недвижностите беа конфискувани со правосилната пресуда во предметот „Плацеви на Водно“, во кој Груевски беше осуден за перење пари и противправно стекнување и прикривање имот. Според пресудата, имотот бил стекнат со средства од незаконско финансирање и затоа беше одземен во корист на државата.
По продажбата на становите, Груевски реагираше дека имотот не бил негова сопственост и ја оспори судската одлука, тврдејќи дека станува збор за политички мотивиран процес.
