Драма кај Алкатраз: Еден загинат, тројца исчезнати по потонување на брод

Едно лице загина, тројца се водат како исчезнати, а 16 патници се спасени откако брод со 20 луѓе потона во заливот на Сан Франциско, во близина на поранешниот затворски остров Алкатраз.

Несреќата се случила во вторникот попладне, на околу 550 метри од островот, каде што спасувачките екипи првично биле повикани по дојава за брод во пламен. Кога пристигнале на местото, пловилото веќе било превртено и речиси потонато.

Спасувачите извлекле едно лице во тешка состојба од водата и веднаш започнале реанимација. Лицето било пренесено на брегот, но подоцна била констатирана смрт.

Во операцијата биле вклучени пожарникари, полиција, крајбрежната стража, хеликоптери, авиони и спасувачки бродови. Потрагата по исчезнатите продолжила и во текот на ноќта, со користење термални камери, модели за движење на плимата и морски струи.

Според американските медиуми, станува збор за приватен моторен брод од Калифорнија, на кој патувале главно членови на семејство собрани по повод меморијална служба. Дел од спасените биле префрлени во болница, а повеќето патници биле згрижени на брегот.

Властите засега не соопштија дали бродот се движел кон Алкатраз или само минувал во близина на островот, кој денес е една од најпосетуваните туристички локации во Сан Франциско.

Најчитано