Африканската свинска чума не стивнува: од почетокот на годината потврдени 99 жаришта

Бројот на потврдени случаи на африканска свинска чума во Хрватска достигна 99 од почетокот на годината, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и рибарство. Новите жаришта се регистрирани во Осечко барањската жупанија, каде болеста продолжува да претставува сериозен проблем за одгледувачите на свињи. 

Според официјалните податоци, поради спречување на ширењето на заразата досега се извршени мерки за уништување на 3.758 свињи во Осечко барањската и Вировитичко подравската жупанија. Ветеринарните служби продолжуваат со надзор и спроведување на мерки за биосигурност на фармите и помалите одгледувалишта. 

Африканската свинска чума е вирусно заразно заболување кое ги погодува домашните и дивите свињи. Болеста не претставува опасност за луѓето, но може да предизвика големи економски загуби во свињарството поради високата смртност кај заразените животни и потребата од уништување на погодените стада. 

Првиот случај кај домашни свињи во Хрватска во 2026 година беше потврден во јануари во околината на Осиек, по што беа воведени дополнителни мерки и ограничувања во ризичните зони. 

Надлежните апелираат до одгледувачите строго да ги почитуваат мерките за заштита, особено контролата на движењето на животните, дезинфекцијата на опремата и навременото пријавување на сомнителни случаи, со цел да се спречи ново ширење на вирусот. 

Најчитано