Американскиот претседател Доналд Трамп му се закани на Иран со напади врз мостови и електрани доколку иранските сили продолжат да напаѓаат бродови во Ормускиот Теснец.
Трамп на својата социјална мрежа Truth Social објави дека за секој ирански напад врз брод со ракета, дрон или друго оружје, САД ќе бомбардираат и ќе уништат „еден мост или електрана“. Тој наведе дека можни цели се и објекти во Техеран и неговата околина.
Новата закана следува во период на засилени американски напади врз Иран и повторна ескалација на конфликтот по распаѓањето на привремениот прекин на огнот. Американската војска единаесетта последователна ноќ извршуваше удари врз ирански цели.
Вашингтон соопшти дека операциите се насочени кон ирански командни центри, противвоздушна одбрана, капацитети за ракети и дронови и системи за надзор на крајбрежјето. Дел од нападите се извршени во близина на Бандар Абас, каде што се наоѓаат важни поморски објекти на Ормускиот Теснец.
Американската администрација го обвинува Иран дека ги напаѓа комерцијалните бродови и се обидува да воспостави контрола врз една од најважните светски поморски рути. Американскиот државен секретар Марко Рубио оцени дека наплатата на премин и заканите кон бродовите би создале опасен преседан за меѓународната пловидба.
Заканите за напади врз мостови и електрани предизвикаа критики од експерти за меѓународно право и од дел од светските лидери. Тие предупредуваат дека цивилната инфраструктура не може законски да биде цел на напад освен доколку се користи за конкретни воени операции.
Иран во изминатите денови со ракети и дронови нападна американски воени цели во Бахреин, Кувајт и Јордан, додека американските сили ги продолжија ударите врз иранската воена и крајбрежна инфраструктура.
