Битола некогаш имаше Пекмез пазар

Пекмез пазар
Пекмез пазар на фотографија од 1915 година, се чува во Општина Битола

Некогаш прочуениот Пекмез пазар, од чија целина денес е останат само Градскиот саат, беше дел од изложбата на стари фотографии „Од Ат пазар до Дрвен пазар – калеидоскоп на едно минато време“, што се одржа во автентичниот амбиент на битолскиот Безистен.

Изложбата ја подготви Државниот архив – Подрачно одделение Битола, а се одржа во рамките на 56. Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, во организација на Центарот за култура од Битола. Автори на изложбата се Душан Божиновски, Марија Дурлова, Димитар Ѓоргиевски, Христина Котевска-Дријовска и Гоце Стојановски.

Изложбата содржи стари фотографии од Пекмез пазар, но и информации што раскажуваат дека таму се нуделе слатки задоволства. Покрај прочуениот пекмез, се продавале мед, боза, алва, кадаиф, наут, мраз, алкохолни пијалаци, но и опијати.

„Ова бил најелитниот дел од битолската чаршија. Еден крак од улицата Широк Сокак поминувала низ пазарот, додека друга позната улица низ него била Боди или Бодин. Купувањето дуќан на Пекмез пазар било скапо задоволство. Цените на дуќаните на пазарот биле највисоки, споредбено со дуќаните во другите делови на чаршијата“, посочуваат авторите.

Фото: Ж.З.

За жал, целиот пазар со прекрасната архитектура бил срамнет со земја во 1948 година, освен Саат-кулата. Целта била да се направи широк плоштад, па затоа Пекмез пазар засекогаш заминал во историјата. Со новата урбанистичка концепција била урната и познатата Дембел чаршија, каде што по цел ден се седело по кафеани, се пиело, јадело и се читале весници.

„Постојано се зборува за конзулска Битола со пијаната, валцерите и баловите, но сржта, душата на градот биле пазарите. Тие биле место за секакви збиднувања,  среќавања, бизнис-зделки, прошетки, но и места каде што се случувале љубови. Во Битола има многу песни во кои се опева пазарот како место за сретнување во Битола“, вели Димитар Ѓоргевски, еден од авторите.

Во изложбата се прикажани и другите пазари во Битола, како Житни, Мас, Ат, Дрвен пазар.

„За жал, со многуте војни, иселувањето, кое е актуелно и денес, со развивањето на градот во други стопански дејности, дошло до изумирање на таквиот живот. Последните истрајни и тврдокорни остатоци од тој богат минат свет ни изумираат пред нашите очи. Време е да се преземе нешто за да се спаси она што останало. Да не останеме запаметени како последната генерација што ќе им пресуди на Чаршијата, пазарот и Безистенот“, посочуваат авторите.

Ж. З.

*Оваа содржина е преземена од Локал Актив Пелагонија, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

Најчитано