САД воведоа нови царини од 10 и 12,5 отсто за увозот од 60 трговски партнери, меѓу кои Европската Унија, Кина, Канада, Мексико, Индија, Јапонија и Велика Британија. Бидејќи ЕУ се води како еден трговски партнер, мерките опфаќаат повеќе од 80 држави и територии.
Новите давачки стапија во сила на 24 јули и опфаќаат 99,4 отсто од американскиот увоз. Со нив се заменува привремената глобална царина од 10 отсто, воведена откако Врховниот суд укина голем дел од претходниот царински режим на Доналд Трамп.
Царина од 10 отсто добија партнерите кои веќе имаат забрани или презеле обврски против увозот на производи создадени со принудна работа. За најголемиот дел од останатите држави е утврдена стапка од 12,5 отсто. Администрацијата на Трамп тврди дека мерките треба да ги принудат партнерите поефикасно да ја контролираат принудната работа во глобалните синџири на снабдување.
Од царините се изземени нафтата и гасот, дел од храната и ѓубривата, критичните минерали, авионите и производите кои веќе подлежат на посебни царини, меѓу кои автомобилите, челикот, алуминиумот и бакарот.
ЕУ, Кина, Австралија, Бразил и други партнери ја оспорија американската оценка дека недоволно се борат против стоката произведена со принудна работа. Повеќе влади најавија преговори со Вашингтон, додека Кина порача дека трговските војни не се во интерес на ниту една страна.
