БМЗ се сели во Полска и до крајот на 2026 година ќе го затвори производствениот погон во Илинден, само три години откако германскиот инвеститор беше претставен како проект вреден 65 милиони евра што требаше да отвори 775 работни места. Производството на литиумски батериски системи ќе биде префрлено во полската фабрика на групацијата, а без работа остануваат 89 вработени.
Компанијата соопшти дека одлуката е донесена по сеопфатна економска анализа и дека претставува дел од консолидацијата на европското производство. БМЗ тврди дека транзицијата ќе ја спроведе одговорно и транспарентно, но не објави детали зошто токму македонскиот погон е избран за затворање и каква предност има производството во Полска.
Сликата е сосема различна од онаа што беше промовирана во септември 2023 година, кога ТИРЗ и БМЗ потпишаа договор за инвестиција од 65 милиони евра. Тогаш беа најавени 775 вработувања, просечна бруто-плата над 1.200 евра и годишен извоз поголем од 360 милиони евра. Инвестицискиот проект требаше да се реализира во период од десет години.
Една година подоцна, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, беше поставен камен-темелникот на новата фабрика во ТИРЗ Скопје 2. Од компанијата најавија 40 производствени линии и меѓу 700 и 1.000 вработени, додека Владата ја претстави инвестицијата како потврда дека Македонија е конкурентна дестинација за странски капитал.
Но, фабриката никогаш не се приближи до најавените бројки. Според финансиските податоци што ги анализираше „Фактор“, БМЗ во 2025 година имала 122 вработени, односно околу 16 проценти од првично најавените работни места. Истата година компанијата остварила вкупни приходи од околу 34 милиони евра, расходи од 45,1 милиони евра и загуба од приближно 11,7 милиони евра.
Затворањето не може целосно да се објасни само со условите во Македонија. Матичната групација влезе во постапка за самоуправувана несолвентност во октомври 2025 година, а во февруари 2026 година значаен дел од нејзиниот бизнис беше преземен од германската инвестициска компанија СКион. Новото раководство најави реструктурирање, намалување на трошоците и фокусирање на профитабилните делови од производството.
Сепак, корпоративното преструктурирање не ги ослободува македонските институции од обврската да објаснат што се случи со проектот што го промовираа како стратешки успех. За инвестицијата била предвидена државна помош од 28,7 милиони евра, но од јавно достапните информации не може да се утврди колкав износ е исплатен, дали се активирани механизми за враќање на средствата и што ќе се случи со изградениот капацитет.
Од ТИРЗ за „Телма“ соопштиле дека постоечки инвеститор покажал интерес да преземе дел од работниците, а се воделе разговори и со друга компанија од Европската Унија за преземање на погонот. Не се откриени името на инвеститорот, бројот на работници што би биле задржани ниту рокот за евентуалното преземање.
БМЗ заминува во период кога и други компании во индустриските зони најавуваат затворања или намалување на планираните вработувања. Зад бројките остануваат прашањата дали државата навреме ги забележала финансиските проблеми на инвеститорот, какви гаранции содржел договорот и зошто јавноста за распадот на проектот дознава дури откако работниците биле известени дека погонот се затвора.
