Албанија прогласи двајца државјани на Македонија за непожелни

Албанските власти прогласиле двајца државјани на Македонија за непожелни лица, објави ТВ21. Со одлуката на лицата им се забранува влез и престој во Албанија.

Според ТВ21 станува збор за Валон Беља, односно Ваљон Бела кој беше економски директор на Клиниката за гинекологија, кадар на ДУИ и беше ранет во вооружена пресметка во скопски Чаир, а вториот е Бекир Халими поранешен член на ОНА, исламски теолог и вахабист, двајцата со македонски државјанства..

Не е познато ниту дали станува збор за одлука поврзана со безбедносни процени, јавниот ред или со претходните случувања на македонско-албанската граница.

Во јули на граничниот премин Ќафасан беа задржани функционерите на ВЛЕН, Беким Ќоку, Аднан Азизи и Хасим Муртезани, кои патувале заедно со уште едно лице. Албанската полиција потоа соопшти дека тројцата функционери немале забрана за влез, туку дека законска пречка постоела само за нивниот придружник. Функционерите решиле заедно да се вратат во Македонија.

По инцидентот, македонското Министерство за надворешни работи побара официјално објаснување од Тирана. Во дел од албанските медиуми тогаш се појавија тврдења дека лицата биле поврзувани со планирано присуство на антивладини протести во Албанија, но таквата поврзаност не беше официјално потврдена.

До објавувањето на информацијата не успеавме да најдеме јавно достапна одлука од албанското Министерство за внатрешни работи во која се наведени имињата на двајцата државјани, образложението и времетраењето на забраната.

Најчитано