Работници во Италија спасиле добитен лотариски тикет вреден еден милион евра од отпад

Необична приказна од Италија заврши со среќен крај, откако работници од комунално претпријатие успеале да спасат добитен лотариски тикет вреден еден милион евра, кој случајно бил фрлен во ѓубре.

Случајот се случил во италијанската област Пуља, каде жена по грешка го оставила билетот во отпад, не знаејќи дека со него го освоила големиот џекпот. Според локалната компанија за управување со отпад SANB, тикетот останал неоштетен и покрај тоа што завршил во камион за ѓубре.

Раководителот на компанијата, Роберто Никола Тоскано, изјавил дека проблемот настанал кога жената отишла во локална продавница за да го провери тикетот по извлекувањето. Апаратурата покажала дека билетот не може да биде исплатен таму, бидејќи помалите продавачи можат да исплаќаат само пониски добивки.

Жената не сфатила дека станува збор за голема награда и го фрлила тикетот. Подоцна, член на нејзиното семејство ѝ кажал дека нејзините броеви биле извлечени како добитни, по што таа веднаш се вратила во продавницата. Тогаш дознала дека отпадот веќе бил однесен.

Таа контактирала со компанијата SANB, по што вработените успеале да утврдат во кој камион се наоѓал отпадот. Поради безбедносните ризици при пребарување на отпад, возилото било однесено во специјализирана компанија опремена за такви операции.

Работниците пребарувале повеќе од еден ден, пронаоѓајќи различни тикети и парчиња хартија. Меѓу нив конечно бил пронајден и билетот што го барале, кој, според Тоскано, „чудесно останал цел“.

Кога дознала дека тикетот е спасен, жената заплакала од среќа. Таа побарала нејзиниот идентитет да остане непознат.

Најчитано