Огнот стивна: Изгаснати сите 22 пожари низ Македонија

Македонија денес е без активни пожари на отворен простор. Сите 22 пожари регистрирани во изминатото деноноќие се целосно изгаснати, а заклучно со 7:30 часот нема ниту едно жариште што се гасне или се држи под контрола, соопшти Центарот за управување со кризи.

Противпожарните екипи интервенирале на повеќе локации низ државата, каде што најчесто гореле сува трева, ниска вегетација, грмушки, депонии и отпад. Пожари биле регистрирани во Скопје, Битола, Прилеп, Струга, Крива Паланка, Тетово, Желино, Кавадарци, Куманово и Гостивар.

Во скопскиот регион горело кај селата Глуво, Мирковци и Кучевишка Бара во Чучер-Сандево, на улицата Скупи во Карпош, покрај железничката пруга во Скопско Поле, во Стопански Двор, на булеварот Гоце Делчев во Центар и на депонија во Арачиново.

Повеќе интервенции имало и во Струга, кај Лабуништа, Калишта и Ливада, како и во Прилеп, каде што гореле депонија кај месноста Теќе и ниска вегетација кај селото Ракле. Во Битола пожарникарите интервенирале кај Тумбе Кафе и Зоолошката градина.

Меѓу посериозните пожари бил оној кај локалитетот Раец, на потегот кон кавадаречките села Дреново и Ќесендре. Таму огнот зафатил нискостеблеста деградирана шума и сува трева, но пожарот е целосно изгаснат.

Во Крива Паланка гореле дабова шума и ниска вегетација кај селото Мождивњак, додека во Куманово пожари биле изгаснати кај Романовце и во населбата Пуковско. Последните интервенции биле завршени и кај Лешница во Желино, кај Тумчевиште во Гостивар и во близина на Тетово.

ЦУК продолжува да ја следи состојбата и апелира граѓаните да не палат стрништа, отпад и сува вегетација. И покрај тоа што утрово нема активни жаришта, високите температури и исушената вегетација го задржуваат ризикот од брзо избувнување и ширење нови пожари.

Најчитано