Владата подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог, а договорот веќе бил постигнат со европските партнери, тврди членот на Извршниот одбор и секретар за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски.
На денешната прес-конференција Жерновски изјави дека информациите што ги добиле од Брисел покажувале оти Владата на Христијан Мицкоски веќе го договорила начинот на кој ќе продолжи процесот. Според него, сигнали во таа насока пристигнувале и од Берлин и од Париз.
„Се подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог“, порача Жерновски, поврзувајќи го тоа со претходната изјава на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски за постоење таен договор за почеток на преговорите со Европската Унија.
Тој рече дека досегашните најави на власта за одложено дејство на уставните измени, посебни услови и поинакви договори веќе биле исцрпени. Според Жерновски, Владата сега се обидува решението што претходно го нарекувала предавство да го претстави како политички успех.
Жерновски се осврна и на ставовите на Муцунски за македонскиот јазик и идентитет. Тој посочи дека министерот потврдил оти граѓаните се Македонци и зборуваат македонски јазик, како и дека протоколот со Бугарија не е дел од Преговарачката рамка со ЕУ.
Како дел од промената на ставовите, Жерновски ги наведе и изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова дека македонскиот јазик, култура и национален идентитет се заштитени со Преспанскиот договор, како и ставовите на Муцунски дека членството во НАТО ја гарантира безбедноста на граѓаните.
Од СДСМ порачаа дека во следниот период ќе стане јасно дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ги исполни ветувањата со кои ја доби поддршката од граѓаните. Жерновски оцени дека одлуките што ги носела претходната власт биле тешки, но потребни за европската интеграција и иднината на младите во Македонија.
Тој најави дека следува период во кој, според СДСМ, ќе се потврди исправноста на нивните политики, а ќе се покаже неуспехот на политиките и ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ.
