Владата ги демантира обвинувањата на СДСМ за набавката на флаширана вода за граѓаните на Гостивар и тврди дека шише од 1,5 литри го плаќа 12,5 денари, наместо најмалку 25 денари колку што чини во малопродажба.
Од Владата потврдија дека постапката со преговарање ја спровела Службата за општи и заеднички работи, а договорот го добила компанијата „Кожувчанка“. Според владиното соопштение, пониската цена била овозможена затоа што компанијата учествувала со сопствен придонес за време на кризната состојба.
„Шише вода од 1,5 литри кое во малопродажба чини најмалку 25 денари, Владата го набавува по цена од 12,5 денари“, се наведува во демантот.
Реакцијата следува откако СДСМ обвини дека водата за Гостивар била набавена од „Кожувчанка“ без тендер, преку договор вреден 100.000 евра. Владата ги отфрли овие тврдења како неточни и побара од опозициската партија да престане со, како што наведува, искривување на фактите.
Од Владата додаваат дека бесплатната дистрибуција на безбедна вода за пиење ќе продолжи сè додека стручните лица и надлежните институции не потврдат дека водата од гостиварскиот водовод е исправна за употреба.
„Ова ветување целосно се исполнува и нема да биде доведено во прашање“, наведуваат од Владата.
На 20 јули Владата најави дека дневно ќе обезбедува по 50.000 литри флаширана вода за жителите на Гостивар, додека трае забраната за користење на водата од градскиот водовод.
