Дебелината не е само прашање на изглед, туку сериозен и хроничен здравствен проблем што бара долгорочно лекување, истакна д-р Јулијана Михајловска, специјалист по ендокринологија во Клиниката „Жан Митрев“, во последната епизода на поткастот „Биди свој“.
Таа посочи дека зад секој човек со прекумерна телесна тежина стои лична приказна и низа фактори што не се видливи на прв поглед, поради што луѓето не треба да бидат осудувани без да се познаваат причините за нивната здравствена состојба.
„Луѓето сè уште мислат дека дебелината е естетски проблем. Тоа е најголемата заблуда во денешно време и сè уште немаме доволно свесност за степенот на сериозноста на дебелината. СЗО ја класифицираше дебелината како хронична доживотна болест, како што се дијабетесот и покачениот крвен притисок, и како таква треба доживотно да се лекува“, рече Михајловска.
Во разговорот беше посочена и поврзаноста меѓу дебелината, инсулинската резистенција и дијабетесот тип 2, како и емоционалните последици што можат да го придружуваат процесот на слабеење. Меѓу нив се нарушената самодоверба, негирањето на проблемот, стравот од неуспех и откажувањето по првичните резултати.
Според Михајловска, дебелината може да биде резултат на повеќе здравствени, социјални и економски фактори.
„Многу фактори се клучни за да настане дебелина, меѓу кои социјалниот и економскиот статус, опкружувањето, различни патолошки здравствени состојби, хормонски дисбаланси, генетиката и болести кај кои се употребува кортикотерапија. Храната и физичката активност се единствените алатки со кои можеме да влијаеме. Генетиката не можеме да ја менуваме, но изборот на храна можеме“, додаде таа.
За успешно лекување, покрај медицинскиот пристап и промената на животните навики, потребни се поддршка и разбирање од семејството и најблиските. Дисциплинираната исхрана и редовната физичка активност треба да бидат долгорочен процес, а не привремена мерка насочена само кон намалување на килограмите.
Целиот поткаст може да го гледате тука
