Трифуновски: Брзата пруга ќе ја задолжи државата до 2,5 милијарди евра

Владата планира ново задолжување од две до 2,5 милијарди евра за изградба на брза пруга, наместо да ја реконструира постојната железничка инфраструктура, изјави организацискиот секретар на СДСМ, Зоран Трифуновски, во емисијата „Тема на денот“ на Сител.

Според Трифуновски, реконструкцијата на железничката линија од граничниот премин Богородица до Табановце, во должина од 215 километри, би траела околу две години и би чинела меѓу 200 и 300 милиони евра. Тој тврди дека ова решение би било десетпати поевтино од изградбата на нова брза пруга.

Трифуновски оцени дека разликата во брзината не ја оправдува финансиската разлика меѓу двата проекта. Според него, приходите во железничкиот сообраќај главно се обезбедуваат преку товарниот превоз, за кој максималната брзина изнесува околу 140 километри на час.

Тој изјави дека со реконструкција постојната пруга би овозможила брзина од 100 до 120 километри на час, поради што, како што рече, не е оправдано државата да плати десетпати повеќе за намалување на времето на патување за 10 до 20 минути.

Организацискиот секретар на СДСМ зборуваше и за железничкиот Коридор 8, наведувајќи дека изградбата започнала во 2022 година, кога СДСМ ја предводеше Владата.

Тој тврди дека за третата делница биле обезбедени грант од 149 милиони евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и дополнителни 60 милиони евра од ИПА-фондовите. Според Трифуновски, по прекинувањето на постапката за избор на изведувач и надзор, Македонија ги изгубила средствата од ИПА во износ од 60 милиони евра.

Најчитано