Уставниот суд за првпат го активираше новиот механизам за неизвршување на свои одлуки и ги извести Јавното обвинителство и Судскиот совет за постапувањето на судија од Основниот граѓански суд Скопје во предмет поврзан со новинарката Наташа Стојановска и настаните од „27 април“.
Случајот произлегува од одлуката на Уставниот суд од септември 2025 година, со која беше утврдено дека на Стојановска ѝ било повредено правото на слободно изразување при насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година. Судот тогаш оцени дека повредата била сторена со пресуди на Основниот граѓански и на Апелациониот суд во Скопје.
По оваа одлука, новинарката побарала повторување на граѓанската постапка, но судија од Основниот граѓански суд на 4 мај годинава го отфрлил предлогот. Образложението било дека одлука на Уставниот суд не може да се третира како нов факт или нов доказ според Законот за парничната постапка.
Уставниот суд не го прифатил ваквото толкување. По разгледување на предметот констатирал дека првостепениот суд не ги зел предвид „конечноста, извршноста и општата задолжителност“ на одлуките на Уставниот суд и со тоа, во суштина, не ја извршил одлуката.
Судот дополнително посочува дека веќе постои судска практика во која Основниот граѓански суд прифатил одлука на Уставниот суд како основ за повторување на постапка, а таквиот пристап подоцна бил потврден и од Апелациониот суд.
На 22 јули Уставниот суд донел посебно решение со кое формално утврдил дека неговата одлука не е извршена. Решението е доставено до Јавното обвинителство, Судскиот совет и Основниот граѓански суд за понатамошно постапување.
Од Уставниот суд нагласуваат дека токму Обвинителството треба да оцени дали во случајот постои одбивање да се изврши одлука и дали има основ за кривична одговорност на конкретно лице.
Станува збор за прва примена на механизмот предвиден со новиот Акт на Уставниот суд, кој е во сила од септември 2024 година и овозможува Судот, кога ќе утврди дека неговата одлука не е извршена, да ги извести надлежните институции.
Предметот на Наташа Стојановска се однесува на нејзиното известување од Собранието на 27 април 2017 година. Уставниот суд утврдил дека таа, како акредитиран новинар на ТВ 24, при насилниот упад била изложена на закани и заплашување, била спречена да ја извршува новинарската задача и не добила соодветна заштита од државните органи.
