СДСМ: Над 50 населени места со загадена вода, за Гостивар сè уште нема одговорност

СДСМ тврди дека проблемите со водоснабдувањето и загадената вода во повеќе делови од Македонија прераснале во сериозен здравствен и институционален проблем, за кој досега никој од власта не понел одговорност.

Од партијата наведуваат дека во повеќе од 50 населени места е регистрирана загадена вода, а како најтежок пример повторно го посочуваат Гостивар, каде, според нив, околу 4.000 граѓани побарале медицинска помош.

„Не може цела држава да се труе, а никој да не биде одговорен“, порачуваат од СДСМ.

Партијата повторно бара одговори за постапувањето на институциите во Гостивар и се повикува на претходните изјави на директорот на ФЗО Сашо Клековски дека предупредувачките сигнали биле забележани доцна, како и на активностите на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски околу хиперхлорирањето и испуштањето вода од системот.

Од СДСМ тврдат дека јавноста сè уште нема добиено целосни анализи врз основа на кои водата била прогласена за техничка и бараат да се објави кој ги одобрил таквите одлуки.

Како дополнителен аргумент ја посочуваат и изјавата на Стојанче Ангелов дека во водата била пронајдена опасна бактерија, додека, според партијата, конечните официјални резултати од анализите се очекуваат на 20 август.

СДСМ отвора прашање и за набавката на вода за потребите на погоденото население, тврдејќи дека Владата склучила зделка вредна околу 100.000 евра без тендерска постапка.

„Не може илјадници граѓани да бараат лекарска помош, институциите да признаваат дека задоцниле, а функционерите да продолжат како ништо да не се случило. Кога се во прашање животот и здравјето на луѓето, одговорност мора да има“, велат од СДСМ.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ѝ верувате на водата од вашиот водовод?