Апелација ја зголеми казната на 20 години за убиството на Сузана Серенакова

Скопскиот Апелационен суд ја преиначи првостепената пресуда за Илија Панов од Кавадарци и му ја зголеми затворската казна од 16 на 20 години за убиството на неговата вонбрачна партнерка Сузана Серенакова.

Од Основното јавно обвинителство Кавадарци за СДК потврдиле дека Апелација ја прифатила нивната жалба за висината на казната. На пресудата од Основниот суд Кавадарци се жалел и Панов.

Убиството се случило меѓу 20 и 22 јануари 2025 година во станот во кој престојувала Серенакова во Кавадарци. Нејзиното тело било пронајдено од ќерка ѝ. Во декември минатата година Панов беше прогласен за виновен за убиство сторено при семејно насилство и првично беше осуден на 16 години затвор.

Според судското вештачење, Серенакова починала од задушување откако насилно ѝ биле затворени носот и устата. Психијатриското вештачење утврдило дека Панов бил свесен за стореното дело.

Во текот на судењето тој не го признал убиството и тврдел дека во критичниот период бил на друга локација. Во постапката, меѓу доказите биле и ДНК-трагите од Панов пронајдени на облеката и под ноктите на жртвата, како и повредите оценети како одбранбени.

За кривичното дело убиство од член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик е предвидена и казна доживотен затвор.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ѝ верувате на водата од вашиот водовод?