Околу 600.000 машки комарци ќе бидат пуштени во поширокиот регион на Вашингтон до крајот на летото, но целта не е нивно размножување, туку токму спротивното – намалување на популацијата на агресивниот азиски тигрест комарец.
Програмата ја спроведува американската компанија Bee Safe Mosquito Control, која од почетокот на летото пушта лабораториски одгледани машки единки заразени со природната бактерија Wolbachia. Машките комарци не касаат луѓе, а кога ќе се спарат со женки во природата, јајцата не можат нормално да се развијат и не се изведуваат.
Таргет е азискиот тигрест комарец, Aedes albopictus, инвазивен вид кој е широко распространет во регионот на Вашингтон и може да пренесува денга, зика и чикунгуња.
Компанијата во моментов работи со околу 25 домаќинства во Вашингтон и Мериленд, каде секоја недела се пуштаат околу 1.500 машки комарци по двор. Планот е до крајот на сезоната вкупната бројка да достигне околу 600.000.
Комарците ги обезбедува компанијата MosquitoMate од Кентаки, која користи технологија развиена на Универзитетот во Кентаки. Методот се третира како биолошка контрола, а не како пуштање генетски модифицирани комарци. Американската Агенција за заштита на животната средина во мај нагласи дека во САД моментално нема одобрено пуштање генетски модифицирани комарци.
Сличниот пристап веќе се користи во други земји. Во Сингапур, каде се пуштаат машки комарци со Wolbachia за контрола на Aedes aegypti, научна студија објавена годинава во New England Journal of Medicine потврди значително намалување на преносот на денга во областите опфатени со програмата.
Примената на вакви методи добива поголемо значење со ширењето на инвазивните видови комарци и подолгите топли и влажни периоди. БНТ објави дека токму зголемената популација на тигрести комарци во регионот на Вашингтон е една од причините за новата програма.
